Денеска во Хрватска, е изгласан Закон за животно партнерство, објавија хрватските медиуми. За законот гласале 89 пратеници, а против биле само 16 пратеници. Со тоа, во Хрватска, бракот, вонбрачната заедница, животното партнерство и неформалното животно партнерство законски се признаени како заедници кои го опфаќаат семејниот живот.
Според Законот за животно партнерство, партнерите од истополовите парови ќе ги уживаат истите права како и брачните партнери, со исклучок на правото на посвојување деца. Семејниот живот на истополовите партнери, отсега животни партнери и партнерки, е заштитен со Уставот на Република Хрватска, Европската конвенција за човекови права и Уставниот суд на Република Хрватска.
Меѓу оние кои учествуваа во подготовката на овој закон, беа и Zagreb Pride, и тие сметаат дека ова законско признание е долго очекувано за истополовите семејства. Според нив, со истото се порачува дека сите семејства се еднакви, сите семејства заслужуваат да живеат сигурно и среќно, како и дека човековото достоинство, независно од нечија сексуална ориентација или родов идентитет, е неотуѓиво, објави crol.hr.
– Токму затоа истополовите партнери ќе можат да стапат во животно партнерство на јавен и свечен начин, пред матичар, при што Република Хрватска и на симболичен начин ги третира двете заедници – и браковите и животните партнерства. Освен тоа што со законов, во целост, се изедначуваат правата на ЛГБТИ лицата и нивните семејства, со истиот се остваруваат и предусловите за социјална стабилност на истополовите партнери – велат од Zagreb Pride.
Најголем дел од правата и обврските кои ги регулира Законот за животно партнерство се однесуваат токму на социјалните права: право на семејна пензија, здравствено осигурување преку животниот партнер/ка, правото и обврската на издржување на партнерот, гаранција за слободата на движење и други права кои се третирани низ целата Европска Унија, недискриминација и еднаквост на полето на пазарните јавни и приватни услуги, осигурување на рамноправноста на полето на домување и даночни олеснувања, го регулира наследувањето, како и областа од семејниот живот на истополовите парови со деца.
Законот за животно партнерство ќе влезе во сила осмиот ден од објавувањето на истиот во Службениот весник на Република Хрватска, а првиот венчан истополов пар може да се очекува при средината на август.