Не ретко ги слушаме познатите изјави дека студентите се авангарда на општеството и дека од младите зависи иднина на државата во најширока смисла на зборот. Иако овие мисли имаат третман на постулати во модерното говорништво за поттикнување на студентскиот активизам, нивното остварување зависи не толку од зачестеноста на искажаното, туку од желбата и свеста тоа да се оствари.
Во универзитетските средини во кои има изобилство од идеи и стремежи се акумулира знаење кое го носиме целиот живот и се создава свест која не води во професионалната, семејната, духовната и во секоја друга област од нашиот живот. Често пати, пасивноста и „задоволството“ од неправичното го напаѓаат активизмот и ентузијазмот да се помогне во подобруање и развој на состојбите во високо образовниот систем. Иако немаме соодветни истражувања за јавното мислење на студентите, сепак факт е дека постепено се јавуваат идеи за динамизирање на студентските активности, а со тоа се помага и во остварување на студентските политики и цели.
Но, таквата појава на често пати мал интерес е засенета од начинот на канализација на студентското движење и на претпоставката дека тешко може да се слушне студентскиот глас и размисла.
Иако, до некаде тоа е точно, македонскиот студент не може да се задоволи со претпоставката за прифаќање на постоечките манири на неправилно однесување, туку напротив потребно е секој со својата индивидуалност и иницијативност да покаже која е неговата перцепција, идеја и сон.
Сатутарната организација на Универзитетот, овозможува целосна артикулација на студентските проблеми и дава простор за нивно решавање. Можноста, студентите преку свои претставници во Наставно – научните совети да ги презентираат своите ставови на факултетско ниво, или преку свои претставници во Универзитетскиот Сенат да решаваат во однос на сите прашања кои го засегаат Универзитетот, е гаранција дека студентскиот глас ќе биде слушнат. Можноста студентите да учествуваат во избор на органите на факултетот и Универзитетот, е гаранција дека по пат на лобирање и самите студенти можат да партиципираат во тие органи и активно да ги промовираат ставовите на својата група. Но, таквата правна поставеност, не значи и бланко можност за едноставно остварување на студентските права и заложби. Напротив, таквиот однос е во директна зависност со исполнување на некои претходни услови. Така, неопходно е во тие тела да учествуваат најзаинтересиранте студенти, тоа да бидат студенти кои уживаат масовна поддршка од својата целна група, да бидат избрани на еден демократкси начин во функција на промоција на студентските ставови, тоа да бидат елоквентни личности со свој став, кој ќе треба да го бранат во име на својата група пред авторитети и да ги убедуваат останатите членови во оправданоста на нивните предлози, но и личности кои за својата работа ќе даваат отчет и ќе бидат во постојана комуникација со својата база.
Дополнително, обврската Студентскиот правобранител како орган кој ги штити правата на студентите и кои учествува во решавање на сите проблеми на релација студенти – професори и факултетски управи, е избиран од редот на студентите од највисокото Универзитетско тело – Сенатот (пред кој е одговорен за својата работа) е сигнал дека академската средина искрено сака да биде во комуникација со студентите и ветува дека ќе се залага за решавање на инцидентните и подолготрајните проблеми. Остварувањето на овие гаранции е исто така во зависност од активноста на студентскиот правобранител и неговата желба да застане во одбрана на правото, принципите и правичноста.
Сепак, погоре наведените цели може да се остварат само со зголемување на свеста и самосвеста дека студентите не се објект, туку рамноправен субјект – партнер на Универзитетот. А, Универзитетот се основа за остварување на Уставните и законските цели, само ако има студенти, бидејќи нема Универзитет ако нема студенти. Колку подобри студенти, толку подобар Универзитет!
Местото и значењето на студентот, како институција треба да го сфатат и студентските лидери и во својата работа континуирано треба да се залагаат за соочување со студентот и неговите проблеми, да застанат во одбрана на ставовите на студентите, дури и кога не се согласуваат со нивниот став, бидејќи студентските лидери ги претставуваат само студентите. Тие треба да го отворат патот за нова студентска реформа, како од правен, така и од практичен аспект која ќе ги привлечи студентите до тој степен, за да се јави масовна заинтересираност на студентите за извршување на студентските функции.
Ако постојат гаранции за демократско и современо делување на студентските органи, прашањето за плурализам на студентското движење ја губи својата актуелност и значење.
Заради тоа, студентот мора да ја покажи својата активност и преку активно делување да зборува за своите размислувања во врска со наставно – научниот процес. Во изминатиот период се докажало дека тоа не залудно и дека студентот покрај поддршката од својата база, наоѓа поткрепа и во Универзитетската управа, Државниот просветен инспекторат и сл.
Студентската гласност за проблемите не треба да биде исклучок, туку правило, бидејќи тоа му помага на Универзитетот во отстранување на проблемите и во неговиот континуиран развој. Во време на електронско информирање, прашањето за студентскиот активизам се решава многу лесно, бидејќи пред да го остварите Вашето право, на пример на објективно оценување, или ревизија на начинот на прегледување на тестот, или правото на ослободување од партиципација, или правото на студирање според правилата во моментот на упис, Вие треба да знаете дека тоа право постои и Ви припаѓа и да имате доверба да се обратите во органите задолжени да застанат во Ваша заштита.
Во надеж на уште поуспешно функционирање на студентските тела и органи, ја изразувам својата надеж во студентската искреност, поттик и надеж за остварување на студентските права. За тоа постои одличен простор. Во него некој треба да се појави и да го претвори во студентската работилница за општо добро.
Никола Главинче, поранешен студентски правобранител
Извор: Моф/Сервис за млади