Во меѓународното жири на 44. издание на најголемиот фестивал за деца и млади „Џифони искуство“ во Џифони, Италија, годинава Македонија ќе биде застапена со 12 претставници, соопшти денеска Агенцијата за филм на РМ.
Во жирито ќе учествуваат младите Ања Димова, Бисера Самарџиева, Леон Ристов, Дамјан Јорданов, Лина Ламбринидис, Исидора Цветковска, Мартина Величковска, Вера Покоова Дел Масчио и Анастасија Новевска, Дарио Тодоровски, Катарина Величковска и Јована Мирчевска.
Заедно со децата од 41 земја во светот во период од денеска до 27-ми овој месец ќе учествуваат во работилниците и дискусиите на разновидни теми по проекциите на фестивалот, чија тема оваа година е „Биди поинаков“. Ќе имаат можност да се запознаат и дружат со познати светски филмски звезди.
На денот посветен на Македонија на фестивалот на 24. овој месец ќе учествува делегација од преставници од Агенцијата за филм, Министерството за култура, Здружението за ширење на филмска култура Џифони М.
Денот на Македонија ќе опфати богата програма како: ревија на македонски филмови, музика на Мухамед Ибраими, изложба на фотографии со убавините на Македонија и македонски производи,пренесе МИА.