Третиот фестивалски ден на Sea Dance мина во знакот на Underworld и големите очекувања за нивниот настап. Возбудата растеше се повеќе, местото пред сцената се полнеше екстремно брзо. Започнаа со предобра визуелизација, во поспоро темпо, за по петнаесетина минути да успеат да ја превртат целата публика. Прекрасната синхронизација и атмосферата за време на нивниот настап во живо ќе останат запаметните сите кои синоќа беа на плажата Јаз. Ова се чини беше најдоброто шоу годинава на Sea Dance.
Пред Underworld, вечерта ја отворија Аутогени тренинг – црногорски алтернативен рок бенд со својот “тврд” звук, по што на сцената излегоа Urban & 4 и Дарквуд Даб. Ова беше добар почеток , се додека на сцената не излезе Tara McDonald со лошо измешан хаус и слаб вокал, но затоа пак овде публиката беше „загреана“ со нејзиниот провокативен аутфит, двете танчерки и DJ-от кои ја придружуваа на сцена. Нејзиниот настап траеше само половина час, за веднаш по неа Mark Knight да успее навистина добро да завладее со публиката.
Инаку и третиот фестивалски ден почна вообичаено, со будење во раните утрински часови поради врелите сончеви зраци врз шаторот, журчиња на плажа, дожд попладне и подготовки за забава до зори. Единственото нешто поразлично секој ден беа новите огради поставени околу зоната на фестивалот. Секој ден имавме психичка, но воедно и физичка подготовка со вртење кругови за да стигнеме до плажата. Сепак овојпат на време не известија каде ќе може да се помине за да се стигне до посаканото место на време, што пак беше една од поголемите грешки во организацијата, не земајќи го во предвид фактот дека половина од публиката беше во кал до колена.
Сумирано според ова издание, недостигаше подобра организација, иако концептуално како фестивал е одличен и самата локација му дава посебна магија. Останува да почекаме дали до година ќе се надмине спектаклот кој се случи вчера, а во меѓувреме остануваме да уживаме на плажата Јаз во Будва затоа што камп зоната останува отворена за посетителите на Sea Dance .
Софија Павловска