Здравствената состојба на тројцата професори Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски се влошува, откако веќе седми ден штрајкуваат со глад во просториите на СОНК. Тие цела недела не ставиле ништо во уста во знак на протест. Единствено пијат вода, какао, кафе и чај, пишува Фокус.
– Почна да ни се влошува здравствената состојба, што е нормално. Не сме јаделе веќе седум дена. Чувствуваме вртоглавици, малаксаност, не знам до кога ќе издржиме така. Знам дека не е лесно. Сите сме во лоша состојба – истакна професорот Костадиновски.
Се огласи и ректорот на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, Саша Митрев. Тој тврди дека чекаат до нив да стигне решението од Државниот просветен инспекторат.
– Секако дека ќе превземеме мерки, само да добиеме нешто написмено од Инспекторатот – се наведува во кусиот одговор од ректорот Митрев.
Раководството на СОНК утре планира да одржи седница, на која ќе донесе одлука да се радикализираат мерките. Пред неколку дена тие најавија дека ако ништо не се реши, ќе им се придружат на тројцата професори во штрајкот со глад. Ова е прв случај во земјава професори да одлучат да штрајкуваат со глад бидејќи сметаат дека незаконски се избркани од работа.
„Продолжуваме со штрајкот до исполнување на нашите барања – најдоцна до втори август да бидеме избрани во повисоко наставно научно звање вонредни професори согласно позитивните рецезентски извештаи . Не бараме ништо повеќе туку само законски да се постапи и да се испочитува законот за високо образованние“, појасни пред неколку дена професорот Крсте Шајноски.