Пред градската управа на Белград денеска се одржа граѓански протест против проектот „Белград на вода“, кој го најавува српската влада заедно со инвеститорите од Обединетите Арапски Емирати. Според најавите, амбициозниот проект треба да донесе инвестиција од четири милијарди евра.
„Белград на вода“ ќе значи драстична промена и преселба за многу луѓе кои живеат во делот од градот познат како Савамала. Во оваа историска населба, која денеска претставува запуштен симбол на стариот Белград, има вредни стари згради, кои се во лоша состојба. Савамала ќе се урива, за на нејзино место да бидат изградени супермодерни трговски центри, луксузни апартмани и кула слична на „Бурџ Калифа“ во Дубаи, висока 200 метри:
Како што известува српската редакција на Радио Слободна Европа, на денот на кој беа дозволени забелешки на граѓаните и на експертите на измените на урбанистичките планови, стотина граѓани кои се противат на изградбата се собраа пред Градското собрание додека почнуваше седницата. Со стиховите на легендарниот кантавтор Ѓорѓе Марјановиќ, испеани од хорскиот состав „Хоркестар“ и транспаренти како „Стоп за инвестицискиот урбанизам“, тие обвинија дека проектот се одобрува без јавна дебата, а немало ниту анализи кои оправдуваат толку голем архитектонски потфат:
На дел од граѓаните им пречи што култниот дел од градот, кој е овековечен и во филмовите од ткн „Црн бран“, треба да биде избришан.
„Баш ја сакам таква каква што е. Го сакам тој несреден влез во реката, го сакам нејзиниот живот. Ги сакам луѓето кои таму поминуваат секој ден и кои навикнале таму да возат велосипед, да ги шетаат своите деца и да ги водат по кејот. Има доволно трговски центри во Нов Белград и мислам дека центарот на градот и реката не се за тоа“, вели Наталија Симовиќ.
Граѓаните поднеле 2000 забелешки на проектот „Белград на вода“. Меѓу нив е и Јована Петровиќ, архитектка со 36-годишно искуство.
„Ми пречи се што се прави набрзина и што ова е хибридно решение кое се обидуваат да ни го сместат“, вели таа.
Заговорниците на проектот, меѓу кои најгласен е премиерот Александар Вучиќ, велат дека со неговото спроведување Белград нема да заостанува зад светските метрополи.