Идејата за геј прајд фестивалот како протест е нешто што треба да остане во сржта на прајдот бидејќи без тоа самата парада ќе ја изгуби својата суштина. Почнале како бунтови и треба да останат бунтови, вели во интервју за Радио МОФ, Панос Скепадјанос, од организацијата „Солун Прајд Фестивал“.
Неодамна се одржа геј парадата во Солун. Колку е значаен овој настан за градот и дали имавте некакви проблеми при нејзината организација?
Прајд фестивалот во Солун се одржува веќе три години и годинава пројде прилично успешно, ако се земе во предвид дека дојдоа 10 илјади луѓе. Во однос на тоа дали се случи нешто лошо, ние секогаш имаме реакции, живееме во православна земја, православната црква наоѓа многу начини да се бори со нас, но тие се обидуваат да го прават тоа на паметен начин, за да не прават говор на омраза. Ако прават говор на омраза, тогаш тоа се смета за погрешно од општеството и на луѓето повеќе „ќе им се допаднеме“. Единствениот инцидент кој се случи, беше на првиот Прајд, имаше група од 20-25 христијански екстремисти кои дојдоа на фестивалот и викаа, фрлаа некои работи, ја цитираа Библијата, но не им дадовме некое особено внимание, по што си заминаа.
Колку организации во Солун работат на ЛГБТИ прашањата?
Има четири невладини организации и три младински неформални групи кои се борат за ЛГБТИ правата.
Каква е соработката на ЛГБТИ здруженијата со институциите? На геј прајдот на пример присуствуваше и градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, нешто што засега е незамисливо во Македонија…
Добро е за нас да се види дека градоначалникот ја отвара парадата и заедно со нас парадира, тоа не се случува во Грција, се случува само во земји како САД. Среќни сме што имаме таков градоначалник, затоа и сакавме да биде повторно избран на годинашните избори. Исто така имавме поддршка и од амбасадите на САД, Португалија, Чешка, Германија, Финска и мислам дека и Канада. Тие не поддржаа и маршираа заедно со нас, што е добро.
Како би ја оцениле состојбата со ЛГБТИ правата во Грција? Има ли значаен напредок во последните десет години?
За земја која е членка на Европската Унија многу е срамно што ништо не е корегирано, црквата има многу силна моќ врз државата и влијае врз многу од политичките партии кои седат во парламентот. Најлошо е што во последните неколку години и неонацистите се во пораст и ова е застрашувачко и претставува закана за нас, како различни.
Имало ли физички напади заради родот или сексуалната ориентација?
За среќа не во Солун, но се случиле 6 или 7 во Атина, едниот се случи неодамна, кога две деца беа претепани. Се обидуваме да превенираме такви работи, но повеќето од времето не можеме, зашто никогаш не се знае кога некој може да биде нападнат. Има групи за поддршка во сите организации за луѓето кои се третирани на тој начин.
На Балканот постојат многу предрасуди во однос на геј парадите. Противниците обично прашуваат „зошто мора да парадирааат со сексуалноста, што ќе им е тоа, ги имаат сите права…“. Може ли да ни објасните која е поентата на парадата и дали таа претставува повеќе протест отколку парада?
Мислам дека идејата за прајдот како протест е нешто што треба да остане во сржта на прајдот, бидејќи без тоа самиот Прајд фестивал ќе ја изгуби својата суштина. Почнале како бунтови и треба да останат бунтови, бидејќи ако не е така, луѓето ќе мислат дека имате забава, а тоа не е тоа што ние го сакаме. Се забавуваме и го славиме диверзитетот, нашата сексуалност и родовиот идентитет, но не сакаме (прајдот) да помине само како забава, мора да ја задржиме и идејата дека протестираме за повеќе права кои треба да ги добиеме и ниту едно од нив не е одобрено од државата. Веќе 15 години се бориме за животните партнерства, а нема ниту сексуално образование.
Сметате дека е време Грција да ги признае животните партнерства за истополовите партнери?
Време е за секоја земја да го прифати диверзитетот и ЛГБТИ правата, не говориме за нешто што е чудно или странско, туку говориме за човекови права, кои мора да бидат задолжителни.