Во Стар Дојран вечер ќе се одржи четвртото издание на музичкиот Д-Фестивал. Организаторите, Пасворд продакшн и Антена 5 Радио информираа дека фестивалската вечер е комплетирана со музички групи од светската и домашната музичка сцена, кои ќе привлечат голем број фанови на летниот фестивал.
Ѕвезди на вечерта ќе бидат светски познатите групи „Стерео Ем-Си,с“ на кои ќе им се придружат и групите од домашната музичка сцена – „Бернајс Пропаганда“ кој важи за еден од најдобрите бендови во регионот, „Стринг Форсис“, „Ареа“ и хип-хоп колективот „Дивизија“.
„Стерео Ем-Си,с“ е група која го остава своето влијание и трага на мапата на поп и денс музиката веќе повеќе од 20 години, а не случајно во книгата „Гинисова Рокопедија“ (Guinness Rockopedia) тие се опишани како „големите момци на британскиот рап“. Често одбележувани како еден од најлегендарните британски бендови, со Меркјури номинации, Брит награди за најдобра група и најдобар албум, милиони распродадени албуми со небројни хитови зад себе и ремикси за ѕвезди како Мадона, Ју-ту, Трики, Рза и многу други, „Стерео Ем-Си,с“ претставуваат значаен и моќен музички состав со огромна популарност.
Во пресрет на нивното гостување, во краток телефонски разговор со фронтмент Роб Бирч, Радио МОФ разговараше за еволуцијата на музиката на самиот бенд како и за светските музички случувања, фестивалите и музичките соработки. На следниот линк погледнете го целото интервју.