Крушево вреди да се открие

Голем број на домашни и странски посетители вчера се упатија кон Крушево со цел да се запознаат со природата, културата, авантурата на Крушево и да ги посетата големиот број на културно  – историски споменици. „Откриј го Крушево“ беше целодневен настан кој се случуваше вчера на различни локации во нашиот туристички центар.

Крушево вреди да се открие

На Мечкин Камен присутните ги забавуваа музичките групи „Суперхикс“ и „Љубојна“ кои на историскиот локалитет им приредија незаборавна забава на големиот број на присутни гости со неколкучасовен концерт. Посебна атракција беше летањето со параглајдер.  Крушево е едно од неколкуте места со идеална клима и погодности за летање со параглајдер на Балканот. Летајќи во тандем со професионални параглајдаристи, 20 гости имаа среќа да полетаат со параглајдер и да уживаат во убавините.

Крушево вреди да се открие

Истовремено, манифестацијата „Откриј го крушево“ се одвиваше и во центарот на градот. Таму голем број на посетители може да ги вкусат традиционалните крушевски јадења, а неизбежен беше и надалеку прочуениот крушевски локум. На плоштадот „Никола Мартиноски“, фолкорната програма беше збогатена со настап на културно-уметнички друштва и изведба на познатото „комитско оро“.

За љубителите на велосипедизмот, се организираа возбудливи велосипедски и пешачки тури на повеќе од 40 километри низ недопрената природа. Дел од посетителите со жичарница се искачија до врвот на крушевскиот рид, а активности се случуваа и во куќата на Минѕе каде што беа изложени рачно изработени ракотворби и презентација на рачно везење.

Голем број на посетители ги посетија и спомен-куќата на Тоше Проески и манастирот „Свето Преображение“. Во Крушево неизбежна беше и посетата на крстот висок 33 метри. До доцните вечерни часови во преполните угостителски објекти, посетителите уживаа во свежиот воздух, природата и гостопримливоста на крушевчани.

Целта на настанот беше да се промовира туристичката понуда на Крушево, како и промоција на природните и културните вредности кои се дел од Крушево. Организатори се Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Центарот за развој на пелагонискиот плански регон, Проектот на УСАИД за експанзија на малите бизниси и Општина Крушево.

Б.К.