Концертите на Охридско лето можат да се следат и на интернет

Дел од настаните на годинешново издание на програмата на реномираниот фестивал Охридско лето ќе бидат пренесувани во живо, а сите љубители на музичката уметност кои нема да бидат во можност да присуствуваат во Охрид во црквата „Света Софија“, ќе може да уживаат преку преносот на интернет.

Концертите на Охридско лето можат да се следат и на интернет

Така, вечерашниот концерт со наслов „Од творечкиот опус на композиторот Томислав Зографски (1934-2000) – кон 80 години од раѓањето“, како и концертот во среда на оркестарот на Музичката младина на Македонија кој исто така е во црквата „Света Софија“ во стандардниот термин од 21:00 часот ќе може да се следат во живо на веб-страницата на Охридско лето,  како и на веб порталот Идивиди. Видеопреносот од Света Софија ќе започне од 20:00 часот, час пред започнување на концертот.

Стримот ќе може да се следи и преку најавените линкови на Facebook, како и на веб-порталите на медиумските спонзори на оваа значајна културна манифестација.

„Лајв стримингот е новина која се практикува на сите светски фестивали. Охридско лето во соработка со генералниот спонзор Т-home ја воведе ваквата практика на веб продукција со цел Фестивалот да се доближи до најсовремените технолошки и ИТ достигнувања“, вели маркетинг и ИТ менаџерот на Охридско лето, Илија Куртески.

Инаку ваков начин на следење на програмата на најпрестижната манифестација кај нас, Охридско лето, во соработка со T-home, генералниот спонзор на Фестивалот, го најави како новина која постојано ќе се осовременува но и ќе опфати поголем број на настани.

„Следејќи ги современите текови на светските фестивали, преносите во живо, на повеќе настани од уметничката програма во текот на едно фестивалско издание станаа традиција. Веќе трета година , на задоволство на нашата публика, успешно го спроведуваме ваквиот начин на пренос. Она што посебно не радува е реакцијата на љубителите на класичната музика кои од какви и да се причини не се во можност да бидат во преубавата црква. Благодарни се што ете на еден ваков начин им ја доближуваме уметноста им овозможуваме да уживаат во звуците на класичната музика“, вели Елизабета Јанкуловска, директорката на Фестивалот.

Извор