Изјавата на вицепремиерот Булент Аринч кој им рече на жените да не се смеат гласно во јавноста, ја предизвика една од најинтересните реакции на социјалните медиуми, пишува британски Телеграф.
Во Турција за само неколку часа стотици фотографии од насмеани жени вчера беа објавени на веб сајтот за споделување фотографии – Инстаграм. Под хаштагот #kahkaha, што на турски значи гласно смеење (laugh out loud), жените објавуваа фотографии на кои се смеат во знак на протест против изјавата на вицепремиерот Аринч.
Некои корисници пак, споделуваа фотографии и видеа каде се смее Емине Ердоган, сопругата на премиерот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган.
На Твитер пак беше креиран хаштаг #direnkahkaha, што значи „дади отпор, смеј се“, а слични споделувања беа направени и на другите социјални мрежи.
„Еве како чесните турски жени му одговорија на вицепремиерот Булент Аринч и идеологијата која тој ја претставува“, се вели во описот на една од сликите кои се споделуваат на Фејсбук.
Аринч во својот говор во кој се жалел на „морална корупција“, рече дека жената „нема да се смее во јавноста и нема да поканува со нејзиниот однос и ќе ги штити нејзините вредности“.
– Каде се нашите девојки, со малку руменило, кои ги наведнуваа главите и го вртеа погледот настрана кога ќе се погледнеше во нивните лица, со што станаа симбол на чистота?, додаде Аринч.
Извор: telegraph.co.uk, hurriyetdailynews