Со свирежи и знамиња, во пет минути до 12 , над илјада просветни работници од повеќе градови излегоа на протест пред Министерството за образование револтирани од проблемите во образовниот сектор.
СОНК со овој протест побара подобрување на состојбите во образованието, а просветните работници протестираа поради ниските плати во образованието, нерешените колективни договори, против екстерното тестирање и политизацијата во образованието.
Помеѓу штрајкувачите беа и тројцата професори од штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ кои речиси три недели штрајкуваат со глад, поради неизбирањето во повисоко звање, по што нивниот работен однос престана.
На протестот му претходеа бројни притисоци кон просветните работници, а легитимирање од страна на полицијата имало и утрово за ооние што со автобуси се упатиле кон Скопје, објавија повеќе интернет портали.
Притисоците, особено се засилиле вчера во попладневните и вечерните часови, кога од раководството добиле информација дека поголем дел од закажаните автобуси се откажуваат затоа што фирмите добиле наредба да не ги превезуваат просветарите на протест.
„Вчера сите закупени автобуси беа откажани од фирмите од кои СОНК ги набави услугите. Објаснувањето кое ни го даваа фирмите беше „мораме, така ни наредија“. Зборуваме за приватни фирми, приватни превозници кои, замислете, можат да бидат предмет на притисок и да не ни изнајмуваат автобуси и комбиња“, потврди за НОВА претседателот на Синдикатот, Јаким Неделков.
Хелсиншкиот комитет остро го осуди потегот на полицијата да ги легитимира професорите кои влегле во автобусите, но и оние кои воопшто не пристигнале во Скопје.
Доколку не се исполнат барањата по овој протест, СОНК ја најави можноста да организира и генерален штрајк во образованието кој се заканува да го одложи стартот на учебната година.
Поддршка на барањата на СОНК дадоа повеќе здруженија и синдикати меѓу кои и новинарскиот синдикат, Солидарност и МОФ.