Според компаративно истражување, особено со земјите од поранешна Југославија, за да видиме каде сме во трката кон дното, Македонија испадна дека е апсолутен шампион во намалување и деградирање на работничките права и на трудовото законодавство. Ние денеска изгледаме како една апсолутно анти-социјална држава, а во моментот кога го наследивме тоа законодавство, ние бевме дефинирани како социјална држава, вели Артан Садику од левичарското движење „Солидарност“, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
РСЕ:Голем дел од населението во Македонија има социо-економски проблеми, но сепак кога се организираат протести или се изразува некаков револт поради економската состојба на граѓаните, тие протести не наидуваат на масовност. Тука пред се мислам на протестите кои ги имаше движењето „АМАН“ пред извесен период. Зошто македонските граѓани се демотивирани да се борат за остварување на своите економски права?
Затоа што во Македонија имаме долгорочна пракса, повеќе од две децении од нашето осамостојување, на монополизирање на демократските процеси од страна на политичките партии. Со тоа кај мнозинството граѓани се вкорени убедувањето дека нивниот единствен и најчест акт на некое си вклучување во политичките-демократски одлучувања во државата се изборите и само преку гласање на избори тие може да изразат некоја политичка волја. Од друга страна имаме веќе развиена тенденција и култура од страна на државните институции во Македонија кои исклучуваат секаков таков порив или такво барање за директно демократско вклучување во процесите на одлучување од страна на граѓаните. Имајќи предвид дека во Македонија, за жал, институциите никогаш не прифатиле некое барање од страна на луѓе кои протестираат, тоа креира култура на недоверба кон протестите и неприфаќање на истите како легитимен, секојдневен политички акт на делување. Сметам дека тоа не е случај само со Македонија, но кај нас има потреба од повеќе нудење на такви форми на барање и на протестирање и на демонстрирање, со што тие ќе почнат да бидат прифатливи од страна на граѓаните како легитимен политички метод на борба за демократија и борба за сопствени права. Ако имаме почесто развиена таква култура, сметам дека би имале многу поголем број на граѓани вклучено.
РСЕ:Од друга страна не е проблем да се мобилизираат да излезат граѓани на улица кога се работи за некакви етнички барања, барања засновани на етнички основи. Гледате ли можност во некаков пократок период да се развие граѓанската свест на сметка на етничката поделба и свест?
Мора да знаеме дека таа симболично наречена битка меѓу етничкото и социјалното од една и општеството од друга страна има тотален дисбаланс на моќ и на сила и на капацитети. Од една страна имаме константна власт која од самото осамостојување со сите нејзини владини, државни ресурси и капацитети промовира поделба и промовира истовремено раѓање на етно-националистички политики и етно-националистичко присуство во јавноста во Македонија. Од друга страна имам граѓански сектор кој во однос на таквата сила и моќ на власта и на државните институции се труди таа тенденција, таа политика и реторика на етно-национализам да и се спротивстави со функционирање на социо-економските заедништва. Јас се плашам дека што пострашна станува социо-економската политика во Македонија толку поагресивна ќе стане етно-националистичката политика и тука многу јасно може да се укаже или да се покаже со прст дека виновникот се нашите етно-центрични политички партии кои од осамостојувањето секогаш ја користат таа етничка карта за да таа биде единствената карта на која се добиваат избори, токму поради фактот што немаат доволно храброст со оние сериозни политички проблеми кои во Македонија постојат поради последиците од приватизацијата и токму поради начинот на кој денеска е организирана македонската економија од која придобиваат мал дел на луѓе кои цело време се најдобрите и најблиски соработници на денешната политичка елита.ќ
Има ли некаква компаративна анализа за тоа каде е Македонија во остварувањето на работничките права во однос на другите земја во регионот?
Има компаративно истражување, особено со земјите од поранешна Југославија, за да видиме каде сме во трката кон дното. Пред една година имавме конференција на која Македонија испадна дека е апсолутен шампион во намалување и деградирање на работничките права и на трудовото законодавство.
Целото интервју може да го прочитате на Радио Слободна Европа