Интегрираното образование, проект промовиран во 2010 година, заостанува во реализацијата. Нема политичка волја за негово спроведување, но неколку училишта негуваат автентични модели на интеграција, пишува во анализата на Инбокс 7:
OБСЕ преку едно соопштение ја врати во политичката агенда дебатата за интегрираното образование во Македонија. Всушност, ова соопштение на организацијата, која интегрираното образование го набљудува како главен столб за подобрувањето на меѓуетничките односи, предизвика реакција на новиот министер за образование, Aбдилаќим Адеми, кој смета дека стратегијата за интегрирано образование треба да се спроведе во целост, а не еднострано, само од аспект на учење на јазиците.
Во јавноста беа присутни поделени мислења и пред неколку години кога прв пат беше претставен овој проект кој требаше да претставува мост во меѓуетничката комуникација и унапредување на соживотот. Дел од родителите отворено го поддржуваа, но имаше и такви кои бурно реагираа сметаќи дека тоа непотребно ќе ги оптовари учениците и дека на терен нема да даде резултати. Предрасуди, сомнежи и денес го следат актуелизирањето на ова прашање, но се чини дека е голем бројот и на оние кои даваат целосна поддршка.
За и против интегрирано образование
Овој проект, кој беше на јавна дебата во 2010 година, предизвика остра реакција од страна на Сојузот на наставниците Албанци(СНА). Според оваа невладина организација “Интегрираното образование или учењето на македонскиот јазик од прво одделение е затворено прашање кое не може никогаш да се спроведе”. Кај дел од родителите Македонци има позитивен одговор во однос на прашањето дали македонските ученици треба да го изучуваат албанскиот јазик, како што Албанците го учат македонскиот јазик.
Владимир M., родител на ученик во основното училиште “Братство” во Скопје вели дека во ова училиште се запишани ученици во по една паралелка на албански и на македонски јазик. Дел од родителите, раскажува Владимир, ја потврдуваат подготвеноста нивните деца да го изучуваат албанскиот јазик, но Министерството за образование не презело ништо за да се спроведе овој проект.
„За жал, и покрај ветувањата на Министерството за образование дека ова ќе го дозволи, а кадарот ќе се обезбеди бесплатно, помина една година и ништо не се презеде. Богатство е моето дете да го знае албанскиот јазик за да се разбере со неговите врсници во училишниот двор, а потоа и со другите деца. Според мене, додека учениците учат во поделени одделенија, не можат да се надминат стереотипите дека пропадниците на еден етникум се помалку вредни од другите”, објасни Владимир М.
Но, сите родители во нашето општество не го делат мислењето на Владимир. Еден друг родител е категорично против тоа неговото дете да учи албански јазик:
„Не сакам моето дете да учи албански, не знам зошто би му било потребно, бидејќи Албанците знаат македонски”, дециден е родителот Mилан К. од Скопје.
Целата анализа можете да ја прочитате на Инбокс 7.