Двајцата познати музичари Darren Emerson, John Digweed и Timo Maas ќе настапат на второто издание на Аква-парк фестивалот, кое ќе се одржи на 28 и 29 август во Пробиштип. Настапот на првите двајца е закажан за втората фестивалска вечер.
Првиот ден, покрај најавените денс великани Timo Maas, Joris Voorn и Funkerman, во вечерната програма ќе настапат балканскиот бенд „Дубиоза Колектив“, скопјаните „ПМГ Колектив“, битолчаните „Паркети“ и струмичката „Дивизија“. Во петок, на 29 август, пак, ќе настапат и „Дисциплин А Кичме“, „Bad Copy“, „Hardfaced“, „Elemental“, како и диџеј двоецот „Prok & Fitch“.
John Digweed, предводникот и eден од највлијателните изведувачи на електронската сцена, на Аква-парк фестивал пред македонските фанови на денс музиката ќе го претстави својот уникатен музички стил, кој е секогаш различно категоризиран како транс, хаус, прогресив и електроник, а сепак нема ниту една жанровска етикета која може точно да се примени за него. Дигвид одамна го има зацврстено своето име на страниците од историјата на денс музиката. Неговото „Transitions“ радио шоу пак со години е едно од најуспешните во денс музика, кое се пренесува во 45 земји ширум светот, а со повеќе од 14 милиони слушатели неделно веќе има култен статус кај публиката.
Истата вечер сцената на Аква Парк Фестивал ќе ја пречека и големата ѕвезда на светската денс сцена Darren Emerson. Тој на само 14 години го оствари својот прв диџеј сет, а на 16 години веќе интензивно настапува во клубовите. Пресвртниот момент во кариерата на Emerson се случи кога кон крајот на ’80 години ги запозна Carl Hyde и Rick Smith. Во тогаш оформеното трио „Underworld“, Darren беше главниот продуцент. Во следните десет години тие снимија три албуми кои се продадоа во повеќе од милион примероци. Со сите негови оставарувања, техно иноваторот, основоположник на „Андерворлд“ и сопственик на етикетите „Underwater“ и „Detone“ – Darren Emerson сосема оправадано остана името на чело на техно, електроника и хаус сцената во последните три децении.