Од 22 до 24 август, на неколку локации низ Гевгелија ќе се одржува фестивалот „Бош“. Во текот на трите фестивалски дена (петок, сабота, недела), предвидени се бројни off-mainstream содржини, (професионални и аматерски): театарски претстави и перформанси, музика, поезија, филмови и видео арт, изложби, работилници и други форми на интердисциплинарни и неконвенционални уметнички случувања. Сите настани се бесплатни.
Меѓу досега потврдените и објавени изведувачи за музичкиот дел од програмата се: Fighting Windmills, K.N.N.T. и Sugar Factory.
Еве што велат организаторите за фестивалот:
БОШ ФЕСТИВАЛ – е мултимедијална платформа, низ која се слави креативниот израз во урбан контекст. Или поинаку кажано, БОШ е обид за естетизирана артикулација и осмислување на т.н. ‘додадена вредност’ на урбаната култура…
БОШ е процес на создавање на еден типично-поразличен, несекојдневен и неконвенционален, јавен_простор… Простор, кој постојано се ре-дефинира, преку урбаните уметности, односно уметностите во урбан контекст… Простор, кој е доволно оргинален и опиплив, динамичен и пулсирачки, провокативен и/или контроверзен… Но пред сè, отворен и достапен за секого!
БОШ е ‘инвазија врз духот’, акт за маркирање на културно-естетска, ‘слободна територија’! БОШ е и фузија и конфузија, и сензибилизација и вулгаризација! БОШ е меѓупростор кој поврзува, во потрагата по своето време и потреби…
Затоа, доколку се сметате себеси за доволно слободни и креативни, и пред сè, со широко отворена душа, Гевгелија е вистинското место за вас од 22 до 24 август 2014 година. На неколку локации во централното градско подрачје, ќе се случува БОШ-2014 (точните детали околу локациите и времето ќе следуваат дополнително).
Во текот на трите фестивалски дена (петок, сабота, недела), предвидени се бројни, off-mainstream содржини, (професионални и аматерски), како на пример театарски претстави и перформанси, музика, поезија, филмови и видео арт, изложби, работилници и други форми на интердисциплинарни и неконвенционални уметнички случувања. Сите настани се бесплатни…
Првото издание на БОШ ФЕСТИВАЛ се случи во 2009 година, а во чест и сеќавање на прерано починатиот актер и поет, Бошко Бозаџиевски (1981-2008). Истиот е посвета од неколку блиски пријатели.