Српскиот виолинист Јован Kолунџија и тенорот Зоран Тодоровиќ од Германија, заедно со камерниот оркестар „Гудачите на св. Ѓорѓе“ вечерва во 21:00 часот ќе одржат концерт во охридската црква „Св. Софија“.
Kолунџија е омилениот ученик на прочуениот виолинист Henryk Szeryng. Изградил одлична кариера со повеќе од 4.000 концерти. Основач е на Центарот на убавите уметности „Гварнериус“ (според неговата виолина изработена од мајсторот Гварнери во 1754 год.), кој се занимава, меѓу другото, со промовирање и насочување на млади таленти. Kолунџија е добитник на многубројни домашни и меѓународни награди и признанија за својата уметничка и педагошка дејност.
Тодоровиќ го стекнал меѓународниот углед во оперскиот свет со своите исклучителни настапи на врвните светски оперски сцени. Пеење и актерска игра студирал во Белград, Франкфурт и во Минхен.
Kамерниот оркестар „Гудачите на св. Ѓорѓе“ е формиран во 1992 годинa, a во неговото постоење во овој уникатен ансамбл учествуваа повеќе генерации на еминентни уметници. Оркестарот има остварено повеќе од 1600 концерти на сцените низ светот. Во периодот 2006-2011 година, кога уметнички директор беше познатиот виолинист Гордан Николиќ, тие ги изведоа сите виолински концерти на Моцарт. Репертоарот на оркестарот го сочинуваат делата од барок до современото творештво, а голем број српски композитори му ги посветиле своите дела.