Специјализираната веб-страница за електронска музика и клупска култура Resident Advisor лансира сопствен сервис за препродажба на билети за концерти, журки и фестивали меѓу фановите. Целта е да им се овозможи на луѓето кои не сакаат или не можат да присуствуваат на некој настан, да си ги вратат парите. Од друга страна, ова ќе им помогне и на фановите кои се трудат да најдат безбедни и оригинални влезници за настанот, кога тој е распродаден.
Ова е прв ваков сервис, кој се концентрира на самите фанови, а доаѓа во време кога билетите за фестивалите се „жешка“ тема. Неодамнешен извештај на Британскиот парламент побара построго да се регулира оваа област, во која се случуваат проблеми поврзани со секундарни компании кои ги препродаваат влезниците и профитираат на грбот на фановите.
Новиот севис им дозволува на луѓето да си ги вратат парите ако не можат да присуствуваат на концертот или на фестивалот, но исто така и им гарантира дека нивниот билет ќе биде продаден на вистински музички фан.
Промотерите, од друга страна, со ова можат да ги спречат илегалните препродавачи на влезници и да го зголемат бројот на луѓето кои навистина ќе се појават на настанот. Се очекува и да се намалат редовите и времето на чекање на влезовите, како и бројот на фалсификувани влезници.
Кога еден настан е распродаден, фановите можат да ги понудат своите билети, по цената по која ги купиле. Принципот на работа е „прв дојден, прв услужен“. Корисниците можат да се предомислат во секое време и да ги задржат своите билети, се додека тие не се продадат.