На државните универзитети оваа недела ќе почне пријавувањето за додипломски (прв циклус) студии во академската 2014/2015 во првиот уписен рок. На петте државни универзитети слободни се вкупно 24.121 место за идни студенти.
На најстариот и најголем универизтет „Св. Кирил и Методиј“-Скопје (УКИМ), слободни се 10.048 места. Од нив, за редовни студенти во државна квота има 5.771 место, за редовни со кофинансирање на студиите слободни се 3.267 и за вонредни студенти 1.010 места, пренесе МИА.
На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) слободни се вкупно 3.595 места: 2.145 за редовни во државната квота, 940 места за редовни со кофинансирање и 510 места за вонредни студенти.
На Државниот универзитет во Тетово (ДУТ), слободни се вкупно 5.310 места. Од нив, 2.690 за редовни во државна квота, 2.225 за редовни со кофинансирање на студиите и 395 места за вонредни студенти.
На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип (УГД) за 2014/2015 слободни се вкупно 4.728 места, од кои 2.839 за редовни студенти во државна квота, 1.049 во квотата за кофинансирање на студиите и 840 места за вонредни студенти.
На Универзитетот за информатички науки и технологија „Св. Апостол Павле“ – Охрид слободни се вкупно 440 места: 220 за редовни во државната квота, 110 за редовни со кофинансирање на студиите и 110 места за вонредни.
Бројот на слободни места по факултети и студиски програми, информации за условите за пријавување и за потребните документи се содржани во конкурсите кои универзитетите ги објавија на своите веб-страници: Скопје: www.ukim.edu.mk, Битола: www.uklo.edu.mk, Тетово: www.unite.edu.mk, Штип: www.ugd.edu.mk и Охрид: www.uist.edu.mk.
Пријавувањето во првиот рок на УКИМ и на Охридскиот универзитет е на 14-ти и 15 август. На Битолскиот и на Штипскиот универзитет почнува еден ден порано, на 13-ти, 14-ти и на 15 август, а на ДУТ ќе се реализира идната седмица, од 19-ти до 22 август.
Резултатите од пријавувањето и успехот во средно образование ќе бидат објавени на 19 август на УКИМ и УКЛО, на 20 август на УГД и на „Св. Апостол Павле“ и на 25 август на ДУТ.
Запишувањето на кандидатите ќе биде на 25-ти и 26 август на УКИМ, УКЛО и на „Св. Апостол Павле“, на 26 август на УГД и од 26-ти до 29 август на ДУТ.
Вториот уписен рок на УКИМ и на „Св. Апостол Павле“ ќе биде на 3 септември, а третиот рок (на факултетите на кои ќе има слободни места) е на 16 септември. На УКЛО вториот рок е на 1 и 2 септември, а третиот на 15 септември. На УГД вториот рок е на 27-29 август, а третиот на 11 септември. На ДУТ вториот рок е од 2 до 5 септември.
Студентите во државната квота плаќаат по 200 евра или 100 евра на дисперзираните студии, а кофинансирањето и цената за вонредни студенти е 400 евра.