[Младинска изјава] Менталното здравје е исто така младинско прашање

Младинската група на организацијата ХЕРА излезе со порака по повод Меѓународниот ден на младите која ја пренесуваме интегрално:

За нас младите луѓе, здравјето е приоритетно, а менталното здравје е подеднакво важно, иако многу често тоа е ставено на страна. Здравјето не е само отсуство на некоја болест, туку многу повеќе состојба на физичка, ментална и социјална благосостојба.

[Младинска изјава] Менталното здравје е исто така младинско прашање

Во 1999 година Собранието на Обединетите Нации одлучи 12-ти август да се одбележува како Меѓународен ден на младите. Оваа година, Меѓународниот ден на младите го покренува прашањето на важноста на менталното здравје на младите.

Младите како група, во фаза од животот на интензивен раст и развој, се соочуваат со огромни промени и предизвици на кои некогаш е многу тешко да се одговори. Особено денес, кога живееме во време на економски, политички и социјални предизвици и неизвесности, станува се потешко за еден млад човек да се реализира целосно и биде или остане здрав.

Особено е важно, не само да се работи на зголемување на свесноста во врска со ментално здравје на младите, туку и директно да се подржат младите кои се соочуваат со потешкотии, вклучувајќи го и намалувањето на стигмата и дискриминацијата. Живеењето во средина, каде сексуалното и репродуктивното здравје и права на младите е ставено на маргините, каде искажувањето на својата сексуалност и сексуална ориентација поинаква од хетеросексуалната е речиси невозможно и има недостаток до релеватни информации креира состојба каде државата ја става под знак прашалник целосната реализација еден млад човек.

Она што е можеби и најголемата препрека кога станува збор за целосно остварување на менталното здравје е стигмата која што се јавува кон оние млади кои што веќе се соочуваат со некаква состојба на менталното здравје. Токму таа стигма која секогаш е како рака под рака со менталното здравје дополнително ги обесхрабрува да побараат помош.

Менталното здравје на младите луѓе е занемарено, поради различни фактори и услови во кои што живеат се соочуваат со анксиозност, депресија како и бихевиорални проблеми. Ова се најчестите проблеми со кои што адолесцентите, но и младите генерално се соочуваат насекаде во светот, па и кај нас. Токму поради тоа, важно е што поотворено да се говори за менталното здравје, а истовремено да им се понуди помош и поддршка на оние млади на кои што им е потребна. Со спроведување на превентивни програми навремено може да се влијае врз севкупниот развој на младите и да се спречат понатамошни нарушувања.

Во цела грижа за менталното здравје имаат подеднакво улога сите вклучени страни. Родителите кои што е потребно да поминат квалитетно време со своите деца, стручните служби во училиштата кои што соодветно треба да реагираат на сите промени во однесувањето на младите и со тоа да им помогнат.

Покрај тоа е многу важна и политичката посветеност, а што што треба да значи постојано подобрување на услугите кои што ги нуди државата, а кои се од областа на менталното здравје на младите.

Позитивни примери на тоа што значи грижа за менталното здравје, пристап до услуги и совети од професионалци е младинскиот центар “Сакам да знам” каде секој може да добие психолошко советување. Советувањето е составен дел од било која посета на центарот. Советувањето и вистинските и научно потврдени информации се клучни, кога станува збор за младинското здравје. Уште повеќе, работата со лицата со попреченост и нивната сексуалност, сеопфатниот пристап и помош е од огромно значење за оваа група граѓани, кои се три пати почесто жртви сексуална злоупотреба и истата не ја пријавуваат.

Младинската група на ХЕРА, потполно ја поддржува изјавата на Генералниот директор на УНЕСКО, Ирена Бокова која вели: “Менталното здравје на младите е важно за здравјето на целото општество како целина”.

1, 2 милијарди луѓе се млади. 1, 2 милијарди се на возраст од 14-25 години. Од нив, 20% некогаш ќе се соочат со некаква ментална потешкотија во текот на животот. Исто така, само едвај 20 % од младите со некаква ментална потешкотија ја добиваат помошта и третманот кој им треба, односно од 280 милиони млади, само 57,2 милиони.

Колку многу млади се оставени сами на себе? Последиците од молкот, неинформираноста, погрешните политики, недоволните средства, ќе ги почувствуваме сите.