Младиот и талентиран македонски гитарист Дамир Пух продолжува со успесите – тој со изведбата на неговата авторска композиција „Flathead“ влезе во финалето на познатиот натпревар Guitar Idol и заедно со уште седум гитаристи ќе настапи на завршната манифестација на натпреварот која ќе се одржи во салата Olympia во Лондон на 13 септември.
Натпреварот им дава предност на изведувачите кои ќе испратат свои авторски композиции, а се вреднува и оригиналноста, техниката, чувството и вкусот на гитаристите кои се натпреваруваат. Сите финалисти ќе добијат награди, а вкупната вредност на наградниот фонд во гитари и опрема е преку 20.000 долари.
Дамир најпрво се пласира во најдобрите 100, за во комбинација на избор на специјално жири и гласови на веб-страницата на натпреварот, да влезе во големото финале.
„Дамир беше еден од учесниците кои рано се пријавија и веднаш знаевме дека е кул. Овде ни доаѓа со класична рок тема со елементи на Jeff Beck, Steve Lukather и Joe Satriani“ се вели во објавата за Дамир на Фејсбук-страницата на Guitar Idol.