На денешен ден пред 45 години, одржан е еден од првите музички фестивали, предвесник на сите денешни големи музички манифестации.
Тој 15 август 1969 година, сите биле присутни на ридот во државата Њујорк: Џими Хендрикс, Џо Кокер, Џенис Џоплин, Рави Шанкар, Џоан Баез, Сантана, групите Гретфул Дед, Тен јиарс афтер, Криденс Клиарвотер Ривајвл, Д Ху, Џеферсон Ерплејн и Крозби, Стилс, Неш енд Јанг…
Планирано било фестивалот, одржан под слоганот „Да водиме љубов, а не војна“ да трае три дена како вид на протест против војната во Виетнам. Организаторите очекувале 50.000 посетители, а дошле над 500.000.
Постоело оправдано стравување дека ќе настапи општ хаос, посебно поради силниот дожд кој не престанувал да врне, но катастрофа била избегната. Сепак, пет лица починале за време на вестивалот, некои од прекумерна доза на наркотици, а еден од прснување на слепото црево и едно лице било прегазено со трактор. За време на тродневниот настан родени се и две бебиња.
Вудсток во историјата ќе остане забележан како фестивал на хипи културата, собир на млади кои верувале дека со музика е можно да се смени светот и да се направи подобро место за живеење.
За оние пак, кои се родиле подоцна, или биле премногу мали во време на одржување на фестивалот, Вудсток означува сцена на која настапиле некои од најголемите имиња во тоа време, на чело со Хендрикс кој ќе остане запаметен по изведувањето на својата верзија на американската химна.
Фестивалот со својот фотоапарат го овековечил фотографот на списанието „Ролингстон“ Барон Волман, чии слики неодамна беа изложени во Лондон. Снимен е и документарен филм „Три дена музика и мир“ во режија на Мајкл Вејдли, кому во реализацијата на тој проект му помогнал „извесен“ Мартин Скорсезе.
Во 1994 и 1999 година одржани се уште две изданија на Вудсток, а организаторот на легендарниот фестивал Мајкл Ленг неодамна за „Ролингстон“ најави дека веќе бара локација на која во 2019, за 50-годишнината од фестивалот, ќе се одржи големиот музички настан.
Извор: usatoday, МИА