Претпоследниот ден (шестиот) на овогодинешното издание на Сигет фестивалот не беше ништо послаб во споредба со другите денови. На Главната сцена задолжени за забавата беа Madness и Prodigy, додека пак на А38 сцената беа Crystal Fighters, Fedde Le Grand и многу други.
Музичката програма за овој ден започна на Главната сцена со инди бендот од Лондон, Bombay Bicycle Club, а после нив на сцената се појавија унгарската хип-хоп сензација Punnany Massif. Десетчлениот состав беше одговор за минатогодишната химна на Сигет фестивалот, Szabadon.
Од забавниот карактер помеѓу изведбите, на програмата беше колор парти т.е. забавата со прскање со бои. Непосредно пред одбројувањето беа поделени шест тони боја во прав. Со одбројувањето од сцената сите во ист момент започнаа и наеднаш се крена огромен облак од најразлични бои.
Легендарниот англиски 2tone ска состав, Madness, беа следни на сцената. Како и во минатите години, така и оваа на Сигет фестивалот приредија одлична забава. Нивниот настап го започнаа со легендарната Night boat to Cairo со што целата публика започна да танцува т.е. „сканка“. Во продолжението ги свиреа сите нивни најголеми хитови Embarrassment, The Prince, My Girlи така натаму, како и од последниот албум NW5, My Girl 2и други. На големо изненадување, направија одлична кавер верзија на легендарната Chase the Devil (попозната како Out of Space) на Max Romeo и бендот на легендарниот Lee „Scratch“ Perry, The Upsetters. Публиката полуде при изведбата на нивниот најголем хит Our House, како и на изведбата на One Step Beyondна нивниот бис.
Задолжени за ноќната забава беше бендот кој владееше во деведесетите, Prodigy. Започнаа со еден од најголемите нивни хитови, Breath и публиката докажа зашто често се канети на фестивали. Со енергично танцување беа проследени и Voodoo People, Omen, Firestarter, Invaders Must Die, а публиката „здиве“ при изведбата на Smack My Bitch Up. На бис настапија со нивниот дваесет и први сингл, Take Me To The Hospital и безвременскатаTheirLaw.
На World Music сцената настапи македонско-францускиот состав, Џипси Бурек Оркестар, на чија музика одлично реагираше целиот аудиториум.
На последниот ден од ова издание на Сигет фестивалот, за забавата ќе се погрижат The Kooks, OutKast, La Roux, KirilDjaikovski и многу други, а за енд шоуто на главната сцена ќе се погрижи Calvin Harris, за чиј настап е најавено ласерско шоу, огномет и десет илјади неонски стапчиња.
За Радио МОФ од Будимпешта,
Николај Митрески и Ана Ристевска