Култниот херој на модерната електронска музика Vatican Shadow идната среда (27 август) ќе има свој настап во живо во Капан ан. Организаторите најавуваат вистински сценски спектакл и одлична забава.
Енигматичниот Dominick Fernow (Vatican Shadow) преку разни проекти досега има издадено бројни албуми за издавачки куќи од рангот на Blackest Ever Black, Bed of Nails и Modern Love. Последната деценија ја води својата култна етикета – Hospital Productions. Проектот Vatican Shadow постои од 2011 година како име под кое Dominick ги издава изведува своите моќни, сирови и ритуалистички техно траки кои ги освоија клубовите низ целиот свет и привлекоа големо внимание од страна на светскиот музички печат.
Неговиот настап во Скопје е во организација на Btkrsh, а ќе биде поддржан од страна на поголем број бендови и артисти од регионот, меѓу кои Spewn, Стагнатор и Gargoylez, електронската групација Vertical Sofa, како и DJите од BTKRSH екипата.
Настанот ќе се случува на два подиума, при што Vatican Shadow ќе заземе централен термин во отворениот (долен) дел од Капан Ан, додека за визуелните изненадувања задолжени ќе бидат Lazy Kidz Visualz.