YouTube Music Key е нов обид на Google да го искористи потенцијалот за слушање и пронаоѓање музика на YouTube и да претстави конкурентен музички сервис од кој ќе прави пари.
Се работи за сервис кој ќе има 20 милиони песни и спотови, и кој ќе биде без реклами. Но, по првиот тест период од 30 дена, корисниците ќе треба да плаќаат претплата од 10 долари за пристап до „високо-квалитетни песни и целосни албуми кои се организирани според дискографијата на уметникот“. Претплатата од 10 долари ќе важи и за YouTube Music Key и за Google Play Music Key, кој всушност ќе биде ребрендиран Google Play Music All Access.
Според Android Police, музичкиот сервис на YouTube ќе може да се слуша и гледа офлајн, односно песните ќе можат да бидат без видео, за да можат да се симнуваат и слушаат. Покрај песните, Google ќе понуди и видео од концерти, ремиксови и други верзии на песните. Улогата на YouTube ќе биде да помогне во побрзо наоѓање на музика и да понуди сугестии за други песни според тоа што е прегледано и преслушано претходно. Тука е вклучена и содржина која ќе е закачена на YouTube и од корисниците.
Засега нема детали кога ќе биде објавен сервисот, но подготовките се во тек.
Извор: It.com.mk