Со засадување дрвце во паркот на поезијата во чест на лауреатот, јужнокорејскиот поет Ко Ун и традиционалното читање на песната „Т’ га за југ“ пред Домот на поезијата денеска почнува 53. издание на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“.
Годинашниот добитник на „Златниот венец“ пристигна во Струга, а престижната награда ќе му биде врачена в недела на традиционалното поетско читање „Мостови“.
Струга по 53. пат ќе биде претстолнина на поезијата, а фестивалот ќе се одржува пред Домот на поезијата и на отворени сцени во Струга до 24 август. Следните два дена учесниците ќе го посетат Скопје и други градови низ Македонија.
По свеченото отворање во предворјето на Домот на поезијата ќе се одржи меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“. На фестивалската програма предвидени се музичко – поетски перформанс, традиционалните „Ноќи без интерпункција“, симпозиуми на тема „Поезијата и политичкото“, а предвидено е и меѓународно поетско читање „Матине“ кое ќе се одржи во предворјето на манастирската црква „Св. Богородица“ во Калишта, пренесе МИА.
Според програмата ќе биде промовирано списанието „СУМ“, посветено на Струшките вечери на поезијата и проекцијата Поетски времеплов на МРТВ. На програмата е и Омаж на македонските поети Ацо Караманов, Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски и починатите лауреати на СВП Шејмас Хини, Тадеуш Ружевич, Васко Граса Моура и Хосе Емилио Пачеко, како и вечер на македонската поезија односно поетски портрети на македонските поети Богомил Ѓузел, Радован Павловски и Влада Урошевиќ.
Освен од Македонија, на 53. издание на СВП ќе учествуваат околу 50 поети од 34 земји.