Од оваа учебна година учениците од сите основни училишта во Аеродром ќе почнат да носат училишна униформа. Денеска неа ја промовираа градоначалникот на општината Ивица Коневски и заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.
Според Коневски, целта на овој проект е сите ученици да бидат облечени во иста облека и да се навикнат на соодветен кодекс на облекување. За Ристовски, пак ова е позитивен проект и пример за тоа како учениците ќе можат полесно да се фокусираат на воспитно-образовниот процес, наместо на изгледот и начинот на облекување.
Училишната облека се состои од сиви панталони, бели блузи и тегет елеци со амблем, на кој е извезено логото на Општина Аеродром и името на училиштето. Девојчињата ќе имаат можност да одберат здолниште или панталони. Трошоците за 6.000 училишни комплети ги покрива општината.