Минатата седмица, во периодот од 16 до 24 август, по 13 години пат се одржа фестивалот посветен на документарните филмови, препознатлив на интернационално ниво како Докуфест.
Седејќи дома, на нашите удобни фотелји никогаш нема да може да видиме дека во Призрен за време на Докуфест се случува нешто што е тешко замисливо за луѓето од овие простори- да се дружат меѓусебно без притоа да влезат во расправа кој колку победувал во минатото и кој повеќе ги повредил останатите. Проекциите започнуваа попладне, различни жанрови, на различни локации. Навечер кога последните зраци светлина од кино-проекторите ќе ги довршат приказните на протагонистите и режисерите, се означува почеток на Доку – ноќта којашто многу често завршуваше и како Доку-зора.
На овој фестивал времето поминува брзо, а разговорите на помеѓу луѓето, прашањата и запознавањето на нови пријатели како да немаат крај. Во морето од креативност и визуелно претставување може да видите милион животни приказни како минуваат покрај вас, сите обликувани на посебен начин со филмска уметност.
Dokufest е повеќе од фестивал. Тој е дел од борбата за враќање на кино културата на Балканот. Промена што луѓето ја понесуваат со себе по посетата. Надминување на сите граници што човековиот ум може да ги смисли и ослободување од предрасудите и стереотипите кои ги спречуваат промените. Еден универзум на креативни умови кои даваат дозвола на сите останати што слободно размислуваат да влезат и да уживаат во генијалноста на новите идеи без разлика дали се Македонци, Албанци, Босанци, Срби, Хрвати…затоа што овде не постои комплексот дека нема можност за соживот и толеранција. На овој фестивал се наоѓаат генерации кои делат исти соништа, исти интереси, иста надеж и проблеми. Накратко кажано генерација која ако продолжи така ќе направи многу луѓе горди.
На годинешниот Докуфест беа прикажани повеќе од 107 филмови. Како исклучително авангардни и најдобри се истакнаа повеќе документарци во различни категории:
-Награда од публиката: Përqafimi (The hug), Lulzim Guhelli, Косово
-Национален победник: Silence, Bekim Guri, Косово
-Интернационален краток филм: Subtotal, Gunhild Enger, Норвешка
– Green Dox: Metamorphosen, Sebastian Mez, Германија
-Човекови права: Judgment in Hungary, Eszter Hajdu, Германија-Унгарија-Португалија
-Балкански документарен филм- Evaporating borders, Iva Radivojevic (САД/Кипар)…
Во Призрен за време на Dokufest времето „лета“. Крајот на фестивалот доаѓа побрзо отколку што може да замислите, додека се качувате во автобус веќе ќе почнете да правите планови за Dokufest 2015- се разбира, сосема оправдано.
Од Призрен за Радио МОФ пишува Александра Алексовска