Во селото Долно Дупени собрани сите убавини на Преспа

На 34 километри од градот Ресен, сместено во подножјето на Баба Планина, на само неколку стотини метри од Преспанското езеро, селото Долно Дупени е вистински рај за оние кои што сакаат да се одморат од градските гужви. Уште додека се движите кон селото, по тесниот, асфалтиран пат може да го почувствувате опојниот мирис на преспанската јаболка, на пченица и пченката. Долно Дупени е село кое изобилува со убавини кои што можат да ги почувствуваат само оние што ќе допатуваат овде.

Во селото Долно Дупени собрани сите убавини на Преспа

Куќите изградени од камен ве оставаат без здив, и додека наутро ве буди чистиот воздух и мирисот на свеж леб од фурна, со нетрпение се дочекува секој нов ден.

„Природата е прекрасна, воздухот е чист, а секој ден е исполнет со мир, тишина и спокој. Во ова село секој посетител е добредојден.“ вели Коте Наумовски, кој е роден и израснат во Долно Дупени.

Во селото Долно Дупени собрани сите убавини на Преспа

Во селото работи основното училиште, но овде учениците можат да завршат само до четврто одделение. Интересна е да се види и главната селска Црква „Св. Архангел Михаил“. По овој светец во Долно Дупени се чествува селската слава која е вистински празник за жителите и нивните посетители.

Иако селото бори околу 235 жители, туризмот во селото е во постојан раст, велат жителите. За тоа многу помогна и модерно уредената плажа „Дупени Бич“.

да

Направена од ситен песок, плажата се наоѓа на само неколку стотини метри од селото и е вистинска атракција за туристите. Плажата за многумина е вистинска причина поради која луѓето се одлучуваат да го посетат селото. Жителите ја нарекуваат и „плажа на вљубените“ е опремена со сламени чадори, дрвени маси и столчиња и терен за одбојка, а од кафулето може да се гледа прекрасното зајдисонце. Иако водите езерото се полни со алги, тоа не ги спречува туристите да се разладат во Преспанското езеро.

„Местово е навистина прекрасно, многу е мирно, а луѓето се многу гостопримливи и услужни, а и на децата многу им се допаѓа овде. Ова е прв пат да го посетиме ова село, но се надеваме дека нема да биде и последен“, вели еден посетител кој во Долно Дупени допатувал од Србија.

Во селото Долно Дупени собрани сите убавини на Преспа

Интересно за многумина е името на ова село. Долно Дупени се наоѓа во вдлабнатина меѓу подножјето на Планината Баба и Преспанската Котлина, а своето име го добило по етнонимот во множина „дупјани“, луѓе кои доаѓаат од дупа, со значење вдлабнато место.

Моника Кочовска