Културниот центар „Интерарт“, организаторот на Танц Фест, е дел од најголемиот саем за танц во светот „Танцмесе” во Дизелдорф, кој годинава слави 20 години постоење.
Четири дена, единаесет локации, 60 интернационални компании на сцена, 130 штандови, повеќе од 400 танцови компании од целиот свет, е она што ќе го одбележи годинашниот саем „Танцмесе”. На македонскиот штанд со летоци, католози и брошури е претставена работата на културниот центар „Интерарт“.
„ Веќе на првиот ден на поставување на штандовите, има голем интерес за сето она што Интерарт го прави во Македонија, посебно за фестивалот Танц фест, како и Интернационалниот натпревар за млади кореографи, DANCELAB SKOPJE, кој за прв пат го организиравме минатата година со голем успех. Се разбира, Скопје танцовата академија и театар, ќе бидат посебно претставени и веќе има заинтересирани студенти од Европа, кои сакаат да дојдат да студираат кај нас“, вели Рисима Рисимкин, уметничкиот директор на Интерарт, објави МИА.
„Танцмесе“ нуди можност да се продлабочат контактите меѓу танчарите и танцовите компании од светот со цел што поголема промоција на интернационалната сцена. „Танцмесе“ од една страна е класичен саем и место за средба со уметници, продуценти, менаџери, а од друга страна е танцов фестивал, кој нуди можност да се доживее цела низа на современиот танц, преку многу танцови компании. Следното издание на фестивалот е за две години.