Креативноста ги прави младите похрабри. Ги учи да се носат со одговорноста во сопствениот живот и да го преземат во сопствени раце, смета уметницата и активист Инес Ефремова. Во интервју за Радио МОФ таа зборува за потребата од креативност во земјава и потсетува на изреката дека „колку што некој може да руши, толку некој може да гради повеќе“.
Како млад уметник, од ваше искуство, со кои потешкотии и предизвици се соочуваат младите уметници во земјава?
Најголемата пречка со којашто се соочуваат се случува веднаш по дипломирањето кога треба да го покажат она што го создаваат и секогаш треба да се има тенденција тоа да се објави во официјалните институции како што се галериите и музеите. Но, многу е тешко да се допре до нив, така што тоа е еден од главните фактори за демотивирање бидејќи уметноста секогаш подразбира тоа што го создаваш да сакаш да го споделиш со јавноста и другите. Мислам дека уште од старт имаш една демотивација бидејќи сфаќаш дека ти недостасува простор, а алтернативни простори, скоро и да нема во Скопје. Она со финансиите веќе е друг муабет, но мислам дека и на светски рамки уметноста никогаш не била профитабилна.
Дали нашиот државен систем ги поттикнува или ги поттиснува креативните умови во државата?
Се случува еден парадокс, еве конкретно за ликовната академија за која што сум запознаена. Секоја година сè повеќе и повеќе се зголемува бројот на студенти. Имаме на некој начин преголема репродукција во создавање на такви кадри, а од друга страна, се помалку на самиот факултет се нудат стредства, а ликовната уметност и другите уметности се секако поврзани со медиумите и материјалите. Сè помалку се вложуваат средства, а се повеќе се зголемува бројот на академци што образовниот систем ги продуцира. Мислам дека освен во склоп на проектот „Скопје 2014“ што го третираме како уметнички проект, поддршка од организирана јавност или владина воопшто нема.
Спомнавте преголема репродукција. Според тебе, каков е епилогот од ваквата ситуација?
Тоа почнува веќе да се случува. Јас имам завршено на педагошкиот оддел на ликовната академија. Веќе се случува сите мои колеги воопшто да немаат прилика да работат како професори. Тие предмети и без тоа имаат мал креативен фонд на часови, а со ваква преголема репродукција (12 до 15 дипломирани на годишно ниво) буквално пазарот и образованието немаат простор да ги примат. Овде станува збор и за сликарите, за вајарите и за музичарите. Мислам дека единствената алтернатива останува тие да ја бараат својата егзистенција некаде работејќи како звучни дизајнери, графички дизајнери и слично.
А дали во Македонија има голем број креативни умови?
Дефинитивно сметам дека имаме креативни умови. Секогаш кога сум во некаква комуникација со уметници од странство, тие не препознаваат по музиката и слично. Дефинитивно сметам дека сме креативци, но сметам дека кај нас системски таа креативност се поттиснува и не и се даваат услови да се развие бидејќи креативноста треба да се поттикне и да се развие, конкретно ќе се повторам во образованието. Видовме дека часовите по ликовна и музичка уметност се заменуваат со македонски јазик и математика.
Ќе има ли промени во иднина, во однос на тоа дека уметниците ќе се изразуваат на поалтернативни начини и кога според тебе тие ќе го заземат својот простор?
Во Скопје конректно веќе се спроведуваат неколку такви иницијативи низ годината што се трудат да ја одделат уметноста да биде независна од институционалната поддршка. Би ја спомнала „Кооперација“ како уметничка иницијатива којашто се одржува само во креативни простори, исто така и АКСЦ центарот којшто претставува еден алтернативен простор за изложувања. Сметам дека тука интернетот има улога. Вмрежувањето е сериозен фактор и мислам дека тоа ќе придонесе за едно отворање на нови шанси за изложување кај уметниците, а ако ништо друго, на крајот на краиштата има дури опција за онлајн изложби и слично. Некако таму го гледам тоа решение. Исто, не би била оптимист дека јавните институции ќе ми понудат некоја алтернатива, туку дека ќе треба вака да создаваме, сами преку барање на некои јавни простори и преку оддржување со светот преку интернет.
За време на Летната МОФ академијата каде што деновиве држиш предавања, на своите учесници им го постави прашањето „Дали би вродило ефект ако се појават некои посериозни креативни подвизи?“ Какво е твоето размислување?
Јас дефинитивно верувам во тоа и многу ми е криво што гледам дека младите се сè уште скептици, несигурни. Сметам дека кога некој зборува за одреден проблем преку креативности и хумор, многу подобро се прифаќа и многу е поуспешно од било каква некоја друга насилна пропаганда. Верувам во тоа, но сметам дека во Македонија недостига сериозен квантум, односно бројка на луѓе, кои што ќе се соберат за тоа да биде де факто ефективно, а да не биде нешто што лесно ќе може да се игнорира, како многу нешта во Македонија.
Емилија Петреска