Суводол, Сопотница и Слоешница на мапата на патувачкото кино „Македокс“

Патувачкото кино на „Македокс“ стигна до последната станица на петтото синеастичко патување низ пределите на Македонија. На 28 август „Македокс“ ќе остане во селото Слоештица, каде што се наоѓа и кампот на екипата на Патувачкото кино. Претходните два дена, на 26 и 27 август беа посетени Суводол и Сопотница.

Suvodol01

Бидејќи жителите на селото Слоештица го слават верскиот празник Голема Богородица и истовремено се одржува манифестацијата „Славење на Пирејот“, во организација на Арт Поинт Гумно, екипата на Патувачкото кино ќе учествува во прославата со беседење пред гробот на книжевниот великан Петре М. Андреевски. Ќе биде проектиран документарниот филм „Карпо патник“ на Матјаж Иванишин, како и хрониките што „Македокс“ ги сними во демирхисарскиот регион. Проекцијата ќе се одржи средсело, а ќе започне во 20.30 часот.

Suvodol04

Претходните денови патувачкото кино стигна до Суводол, кое е речиси споено со селото Кутретино и се наоѓаат во непосредна близина на гратчето Демир Хисар. Патувачкото кино на „Македокс“ одлучи проекцијата на филмовите „Вонземјанинот Ли“ и „Гангстер те сака“ да се одржи покрај домот на културата во Суводол. Станува збор за село со збиен, градски тип со 300 куќи и околу 1.000 жители. Пензионерот Лазар Крстевски, кој е роден во Суводол, а сега живее во Скопје, објасни дека порано тоа било турско село, а во турските тефтери се спомнувало уште во 1465 година.

Името го добило по сувиот дол во кој е сместено, но во времето на СФРЈ, проблемот со водата е решен со две вештачки акумулации од кои денес селото се снабдува со вода. Над двете езера е откриена римска населба која селаните ја викаат Тепе. Крстевски се потсети дека во 50-тите години на минатиот век во истиот дом го гледал филмот „Мачорот во чизми“, а со Патувачкото кино му се вратиле сеќавањата на детството.

Сопотница

Селото Сопотница се наоѓа речиси на средината од патот меѓу Кичево и Битола. Во редот на рамничарските села е едно од поголемите во демирхисарскиот регион со околу 800 жители. Во периодот додека работел рудникот за железна руда во селото живееле и повеќе од илјада луѓе, дел од нив сместени во станбени згради, што не е вообичаено во руралните средини. Големината на селото придонела да се развие интерес за културни случувања. Затоа на проекцијата на филмовите „Прилеп – вчера и денес“ на Кочо Недков и „Раселени персони“ на шведските автори Аса Бланк и Јохан Палмгрин се бараше столче повеќе.

Несебична помош во организацијата на проекцијата имавме од Александар Пејковски, наставник по биологија и хемија во Подрачното училиште „Браќа Миладиновци“, во чиј двор се одржа проекцијата. Пејковски ни објасни дека во домот на културата во 80-тите години на минатиот век имало проекции на филмови, а многу добро се сеќава на проекцијата на филмот „Пред дождот“ пред 18 години.

„Сопотница сѐ уште е големо село и убаво се живее“, потенцира Пејковски.

Во сите села во демирхисарскиот регион низ кои помина досега Патувачкото кино успеа да ја оствари својата мисија непосредно да влијае во процесот на децентрализација на културата во државата и да овозможи кинопроекции во мали и рурални места.