Младите се иднината на една држава. Mладите се центарот на случувањата, јадро за развој и напредок на сите развиени држави. Младите се тие кои со својата енергија работат по неколку работи истовремено отвораат startup бизниси и помагаат на државата да креира раст и да ги зголеми приходите во државната каса. На тој начин сами си ја креираат иднината на својата држава и ги обезбедуваат своите пензионерски денови.
Таква е ситуацијата во развиените општества или таква треба да биде во секоја друга земја која се стреми да постигне развој во иднина. Но каква ли иднина ќе има Македонија и младите од оваа земја, во која денеска невработени се 54% од младите луѓе кои се на возраст од 15 до 24? И најтажно е што овој процент константно и забрзано расте. Во 2013 изнесувал 49%. До кога ќе расне процентот на невработени, и уште поважно коj ли ќе плаќа за пензијата на нашите пензионери кога над 50% од младите не работат и секако, не сакам ни да ги споменам пензионерските денови на оваа младина.
За младите да ја гледаат својата иднина во една држава, таа е должна да создаде минимум можности за нивен развој и просперитет. Многу често се случува младите луѓе во Македонија да влезат во еден затворен круг на незадоволство од кој нема излез и неможејќи да најдат работа по струка, прифаќаат било каков работен ангажман. Во Македонија младите немаат можност на избор на професија, напротив тие се ориентираат по побарувачката на пазарот на трудот. И на крајот секако, некавалификуваната работна сила на една земја секако ја става под прашање ефикасноста и професионалноста на својата економска понуда.
И како трет проблем е одливот на висококвалификувана работна сила во развиените земји, каде младите одлучуваат најчесто да останат и даja градат својата иднина.
Како Македонија се справува со овие проблеми?
Најпрво, наместо вистинско соочување со проблемот, денеска во РМ гледаме совршено прикривање на проблемот под тепих. Наместо сериозни реформи и посветеност на создавање на работни места за младите и подобри услови за живот, сведоци сме на популистичко изигрување на бројките и поигрување со статистиката со цел вештачки да се намали стапката на невработеност пред очите на пошироката јавност. Но, сеуште не сме виделе суштинска посветеност со структурни реформи кои ќе го решат проблемот на долг рок. Младите се дефинитивно последни на агендата на оваа држава.
Младинската невработеност не е проблем само на Македонија. Поради светската економска криза ова стана сериозен проблем и за Европската унија. Во ЕУ 22,1 % од младите се невработени односно 5,2 милиони млади луѓе бараат работа или секој петти млад човек во ЕУ е невработен. Во земјите најмногу погодени од кризата, како Шпанија и Грција, ситуацијата е до толку загрижувачка што секој втор млад човек е невработен. За разлика од Македонија, ЕУ гласно го признава проблемот и е сериозно посветена на негово решавање. Токму за оваа намена ЕУ ја создаде Младинската гарантна шема. Програма која на секој млад човек кој ќе го заврши школувањето, во рок од четири месеци треба да му се обезбеди понуда за работа или понуда за стажирање, понуда за пракса или пак понатамошно школување или понуда за понатамошно дооформување преку обуки. Логиката на ваквата мерка е многу едноставна, државите членки да обезбедат активни млади кои не се надвор од пазарот подолго од 4 месеци. Во Скандинавските земји пак, одкако ќе младите ќе завршат со студирање, продолжуваат да примаат парични средства од државата со цел да имаат време да најдат соодветна работа и да не ја прифаќат секоја понуда.
Исто така за справување со младинската невработеност Европската комисија формираше и фонд за поддршка на индивидуалците и државите при борбата со невработеноста. Младинска иницијатива за вработување е фонд кој ќе биде посветен на држави кои имаат стапка на невработеност на млади над 25% и ќе обезбеди 6 милијарди евра за борба против ваквата појава.
ЕУ инвестира и во веб платформи кои ја спојуваат понудата и побарувачката на пазарот на трудот и им споделуваат на младите информации за нови работни места, пракси, тренинзи и т.н. Една таква платформа е и EURES, која помага за мобилност на млади од една држава во друга, каде би имале поголема можност за вработување.
Како Македонија да ја намали невработеноста на младите и да создаде општество кое ќе им ги овозможи посакувани услови за живот?
Најпрво потребно е соочување со фактот дека младите се најранливата категорија во државата, со цел тие да станат приоритет во државата. Потребно е најбитните државни ресурси и структурни реформи да се фокусираат на младите и подобрување на нивната општествена положба, подобрување на нивната граѓанска положба и зголемување на можностите за вработување.
Понатаму, потребно е усогласување помеѓу пазарот на трудот и образованието, создавање на можности за нови работни места, поддршка од Агенцијата за вработување при дошколување или дооформувње на одредени работни вештини кај младите, односно потребни се структурни реформи во економијата и образованието.
Само така ќе ја создадеме иднината на младите, а со тоа и иднината на државата.
Диана Близнаковска -Македонски центар за европско образование (МЦЕО)