Слоештица – последна станица за Патувачкото кино на „Македокс“ годинава

Патувачкото кино на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ од 17 до 28 август имаше проекции на 18 документарни филмови во Крушево и во селата Журче, Жван, Единаковци, Слепче, Смилево, Суводол и Кутретино, Сопотница и Слоештица. Со оглед на големата посетеност од локалните жители, Патувачкото кино, во сите села низ демирхисарскиот регион во кои помина, успеа да ја оствари својата мисија непосредно да влијае во процесот на децентрализација на културата во државата и да овозможи кинопроекции во мали и рурални места. Последната проекција на петото Патувачко кино на „Македокс“ се одржа во селото Слоештица на 28 август, каде заедно со домаќините од Арт Поинт Гумно учествуваше во реализацијата на манифестацијата „Славење на Пирејот“ и во прославата на празникот Голема Богородица.

Sloestica03

„Кругот се врти, кромидот расте од кромид, приказните се раскажуваат усно, пишано, преку врамени или движечки слики. Не е ни важно како, важно е да ги има и да се раскажуваат. А пирејот расти кај и да падни, севезден оживува, потерува“. Така екипата на „Македокс“ беседеше пред гробот на великанот Петре М. Андреевски. Патувачкото кино заврши во неговото родно село Слоештица. Реалниот живот од приказните на креативните документарни филмови беше проектиран во една нова реалност, откриена на падините на Плакенска планина. Краткиот филм за Слоештица, звукот на гајдата на Ангел Петковски од Вирово и филмот „Карпо патник“ на Матјаж Иванишин го затворија осмото издание на киното под отворено небо. Крајот на патувачкото кино, можеби, е нов почеток, открива желба да останеме тука.

Sloestica04

 

Сликарот Сергеј Андреевски, син на Петре М. Андреевски, е роден во Слоештица. Иако живее во Скопје, во родната Слоештица успеал да создаде нов, сопствен вруток од кој го црпи неопходниот елан на животот.

„Слоештица е моето чистилиште, тука ги полнам батериите на мојот духовен акумулатор. Тоа, исто така, е местото од каде потекнуваат моите претци, тука е собрана целата меморија на моето детство, гробот на татко ми и на неговата книжевна хероина Велика“, рече Андреевски.

Sloestica05

Ирена Сергеица, сопругата на Сергеј, во Слоештица ни кажуваше приказни за самовили, лековти билки и иљачи, ни го откриваше необичниот преплет на разноразни родбински врски и животни судбини. А ние го откривме Арт Поинт Гумно, како реална и духовна база од каде тргнувавме и околу полноќ повторно се враќавме по секоја проекција на патувачкото кино низ демирхисарскиот регион. Сепак, патувањето на „Македокс“ продолжува на некое друго место, догодина.