Училишниот систем, како никогаш во изминативе години, е преполн со политики и процедури со кои се регулираат ученичките права. Испишани се многу правилници, кодекси, брошури кои ги дефинираат, одредуваат и регулираат ученичките права и обврски. За да се усвојат овие документи одржани се десетици состаноци на наставничките совети, совети на родители, состаноци на училишни заедници. На оваа тема посветени се и класни часови на кои е дискутирано за ученичките права.
Сепак, тие малку се остваруваат!
Главна причина за ова е тоа што учениците многу ретко си ги бараат своите права, иако во голема мера тие им се познати.
Е сега ќе се прашате зошто!
Одговорот, според мене, лежи во поставеноста на воспитно-образовниот процес и, секако, во поширокиот општествен контекст.
Наставниците се модели со кои учениците се идентификуваат. Тие преку својата работа, освен што пренесуваат знаења, свесно и несвесно, го пренесуваат и својот животен стил, ставови и вредности. Затоа може да се каже дека училиштето е школа за животот. Учениците низ секојдневната комуникација со наставниците учат/избираат кои вредности ќе ги усвојат, со кои ќе се идентификуваат и ќе ги вградат во сопствениот систем на вредности или кои никогаш нема да ги прифатат. На овој начин тие го формираат својот идентитет и ја градат сопствената личност.
Кои и какви вредности современиот наставник, како модел, им пренесува на учениците денес? Каков модел може да биде наставник кој ја живее сопствената фрустрација дека се чувствува како шрафче во забрефтана машинерија наречена образовна реформа или реформа на реформата, дека е само децимален број на ранг-листа на отстапувања во системот за екстерно тестирање, дека придонел за извесен перцентилен ранг на матурантите кои полагаат државна матура, дека е шифра во електронскиот дневник, дека е во перманантен страв дека може да биде казнет со глоба од 300, 500, 1000 евра или дека може да го загуби работното место?
Наставник кој нема лично искуство во практицирање на сопствените права не може да им пренесува на учениците поинакви вредности. Наставник кој никогаш немал позитивно искуство со остварување на своите права не може да биде модел кој ќе промовира владеење на правото кај учениците. Наставник кој е третиран само како реализатор на обврски базично се чувствува обесправен и немоќен. Немоќен наставник не може да промовира моќ на правото.
Ако позициите на наставникот и ученикот ги ставиме во поширок општествен контекст, и наставникот и ученикот се граѓани. Во општество со низок демократски капацитет граѓанинот е обесправениот.
Правата „се освојуваат“ низ секојдневна упорна борба!
Ова важи за граѓаните во општеството, но и за наставниците и учениците во училиштето. Друг начин не постои!
Јас, сепак, верувам дека училиштето е место во кое се преиспитуваат, отфрлаат, унапредуваат и менуваат некои вредности и правила. Потребна е храброст и посветеност во овој процес. Потребна е и поддршка од возрасните…Секогаш и во секое училиште има ретки наставници кои не се вклопуваат во погоре спомнатиот модел и имаат потенцијал да ги поддржат учениците во борбата за подобрување на нивната положба и нивните права. Учениците умеат да ги препознаат овие наставници.
Во училишниот живот и пракса сум била сведок и на освоени и на неосвоени права, но секогаш појдовната позиција е упорна, посветена борба, што бара доследност и истрајност.
Затоа ги повикувам учениците да се запознаат со механизмите и регулативите кои им се на располагање и активно да партиципираат. Само на тој начин можат да се изборат и да ги освојат своите права.
Она што е потребно во поширок контекст е промоворање на демократските механизми за остварување на правата, за да не останат само зборови и фрази на хартија. Младите (учениците) треба да се поддржат во овој процес во училиштето, преку практицирање и заживување на регулативата од страна на наставниците, за да го имаат учениците искуството дека промената е можна.
Во случаи кога формалниот систем нема доволно демократски капацитет и искуство, тоа можат да го направат неформалните – младински, граѓански, невладини организации и сектор.
Ана Попризова, училишен психолог