Седумдесет и шест филмови од кои 11 во главната програма во трка за наградите „Камера 300“ ќе бидат прикажани на 35. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Фестивалот ќе се одржи од 13-ти до 19 септември, а под мотото „Кон ѕвездите“.
На програмата на фестивалот се и премиерите на два македонски филма – „До балчак“ на режисерот Столе Попов, кој ќе биде прикажан на вториот ден од фестивалот и „Деца на сонцето“ на режисерот Антонио Митрикески – за затворањето на годинашниот „Браќа Манаки“ .
Во натпреварувачката програма на кратки филмови се девет остварувања, програмата „Нови визии“ донесува пет наслови, а девет премиери се во селекцијата документарен филм. Во некомпетитивната програма „Кратко-слатко“ на Европската филмска академија ќе бидат прикажани 15 кратки филмови. И оваа година, официјалниот партнер на фестивалот ВИП организира детска програма со пет филма како и четиридневна работилница за правење филм, наменета за деца од 11 до 16 години.
Во специјалните проекции ќе бидат филмовите на годинашните лауреати-оскаровци: филмот „Големата убавина“ на директорот на фотографија Лука Бигаци, добитник на Специјалната награда „Златна камера 300“, и „Читачот“ на кинематограферот Крис Менџис, годинашниот добитник на „Златна камера 300“ за животно дело.
Наградата „Златна ѕвезда“ која лани ја воведе Друштвото на филмски професионалци на Македонија ќе му биде доделена на Милчо Манчевски, кој пред 20 години со „Пред дождот“ освои „Златен лав“ во Венеција. Во чест на Манчевски ќе бидат прикажани и „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“.
Филмот „До балчак“ на Столе Попов, по сценарио на Горан Стефановски, поради должината (2 часа и 45 минути) ќе биде прикажан на втората фестивалска вечер (14 септември од 20 часот). На затворањето на пак на фестивалот, на 19 септември посетителите премиерно ќе го погледнат филмот на Антонио Митрикески „Деца на сонцето“, по сценарио на Гордан Михиќ.
Филмот кој ќе го отвори фестувалот дополнително ќе биде соопштен, појаснуаваат организаторите. Според најавите цената на влезницата за проекциите ќе биде по 100 денари, а публиката повторно ќе може да набави и блок дневни и фестивалски блок билети.