Шеснаесеттото издание на Таксират, најголемиот зимски музички фестивал во регионот, годинава започнува со промотивниот концерт на култниот канадски бенд „The Hidden Cameras“. Концертот на инди-поп групата предводена од извонредниот музички уметник Џоел Гиб, како дел од офф-програмата на Таксират фестивалот ќе се одржи на 1. октомври 2014 во „Кино Фросина“ во МКЦ, Скопје.
„The Hidden Cameras“ е бенд кој ја означи пресвртницата на инди-рок сцената и субкултурата во Торонто на почетокот на новиот милениум. Уште со својот прв албум „The Smell Of Our Own“, бендот станаа главна музичка тема во Торонто, а годинава се актуелни и со нивниот нов, шестти студиски албум, одличниот „AGE“ кој се појави пет години по нивното претходно издание, а од чија светска промоција е дел и концертот во Скопје. Тие се прв канадски бенд кој потпишува со ценетата инди британска етикета „Rough Trade“, етикетата која успешно ги промовираше и продаваше плочите на бројни панк, едни од првите инди поп и едни од првите пост-панк бендови како The Buzzcocks, The Smiths, Desperate Bicycles и многу други. Креативната сила зад бендот е интровернтиот и извонреден уметник Џоел Гиб (Joel Gibb), кој благодарение на успехот со „The Hidden Cameras“ се најде и како вокал на последниот албум на „R.E.M.“ и соаботува со Нил Тенант од „Pet Shop Boys“.
Музичкиот израз на групата, на почетоците се карактеризира со акустични гитари, ксилофон, виолини, оргули и дајре, но ваквиот опис во никој случај не ја доловува вистинската слика за нив како денс-бенд кој на настапите во живо секогаш пулсираат со енергија и игривост. Денес, Гиб свири електрична гитара, а вклучува синтисајзер и ритам машини кои дополнително ја истакнуваат нивната енергичност. Истата умешност на префинето спојување на меланхоличниот инди сензибилитет со неверојатната игрива енергија е до совршенство изразена и со албумот „AGE“, кој за самиот бенд на некој начин е репертоар на процесот на созревање и манифест на искреноста претежно напишан во Ф-мол, тонот на меланхолијата, но исто така и тонот на посакувањето и беспомошната потиштеност.
Влезниците за се веќе достапни во претпродажба по цена од 200 денари, а на денот на концертот ќе се продаваат по полната цена од 250 денари.