Томислав Османли гостуваше на книжевниот фестивал „Виленица“ во Словенија

На годинашниот, 29-ти интернационалeн книжевен фестивал „Виленица“ во Словенија, еден од најреномираните европски литературни манифестации којшто се одржа од 2 до 7 септември, како единствен гостин од Македонија учествуваше писателот, сценарист и драматичар Томислав Османли.

Тој беше еден од триесетината европски автори припадници кои годинава учествуваа на „Виленица 2014“, угледниот собир на прозаисти, поети, драматичари, но и на есеисти, издавачи, книжевни и медиски теоретичари, менаџери во издаваштвото и културата, и литературни преведувачи.

Томислав Османли гостуваше на книжевниот фестивал „Виленица“ во Словенија

Литературната манифестација се организира од 1986 година и го носи името на раскошната пештера Виленица која се наоѓа во континенталниот карстен дел на Словенија. Годинава наградата „Виленица“ ја доби истакнатиот унгарски писател Ласло Крашнохоркаи. Фестивалот чиј овододинен центар беше туристичкиот комплекс Липице, а место на повеќе настани и главниот град Љубљана, пред се’ со читањата на поканетите автори, како и со панелите и тркалезните маси, се дисперзираше низ 15 различни места во таа околина, при што една манифестација се одржа и прекугранично, во словенечкото село Репен на италијанска територија.

Како и останатите учесници, и Османли беше поканет од главниот организатор, Словенечкото друштвото на писатели. На литературното матине кое се одржа во импресивниот амбиент на местото Штањел, беше претставен авторскиот и книжевен портрет на Томислав Османли. Нашиот автор одговараше на прашања од водителката врзани за неговите книжени погледи и поетика, а потоа на македонски го прочита својот расказ „Базен“, инаку дел од книгата раскази и новели „Светилка за Ханука“ којашто постигна бројни меѓународни афирмации.

Присутните авотори, културни дејци, теоретичари, новинари и останати гости, имаа можност читањето на нашиот автор да го следат со преводи на словенечки (на Алеш Мустар) и на англиски јазик (Љубица Арсовска и Пеги Рид). Томислав Османли настапи заедно со бугарскиот прозаист Алек Попов, поетесата Димитра Ксидус од Ирска, Нико Хелмингер од Луксембург и Јоана Павлеску од Романија. Инаку, книжевното матине во Штањел се смета за еден од средишните настани на Фестивалот со оглед дека на него меѓународно жири ја доделува наградата `Виленички Кристал`“, кој годинава и’ припадна на младата молдавска писателка Лилијана Коробка.

Авторите кои пред публиката читаат делови од своите книжевни дела, се повеќекратно претставени во фестивалските
публикации, а нивните оригинални текстови, заедно со преводите на англиски и на словенечки јазик, се објавуваат и во престижниот „Виленички алманах“.

Извор