Здружението за заштита на животните Анима мунди жестоко реагира на предлог-законот за заштита и благосостојба на животните кој на 11 септември ќе се најде на прво читање во Собранието. Здружението соопштува дека почнува масовна кампања против еутаназијата на животните. За само еден час, педесетина граѓани испратиле фотографии за поддршка на кампањата.
Од Анима мунди информираат дека предлог-законот за заштита и благосостојба на животните кој е доставен до Собранието не е истиот оној што им бил беше проследен за да дадат анализа и коментари.
„Од тие причини, повторно доставуваме наше мислење, коментари и корегирани предлог амандмански промени на Предлог-законот. Пред истиот да биде усвоен, се обраќаме како репрезенти на голема група македонски граѓани кои се борат, залагаат и говорат во име на милиони чувствителни и интелигентни битија кои за себе сами не можат да се изборат – а тоа се животните. Веруваме дека во борбата за хуманост сме сите едногласни и на иста страна. Затоа ја бараме Вашата поддршка, поддршката на институциите и пратениците во Собранието на Р. Македонија кои ќе одлучуваат за судбините на животните.
Најзагрижени сме во однос на членот 28 од законот кој, во конечниот Предлог законски текст, не ја забранува еутаназијата на бездомни животни.
Претходно, Агенција за храна и ветеринарство се согласи со нашите барања и првично ја забрани еутаназијата – но, во понатамошната процедура на усогласувањето на Предлог законскиот текст, таквата забрана е повлечена.
Повлекувањето на забраната за еутаназија значи давање можност за произволно, нехумано и масовно усмртување на бездомните животни во Македонија, нешто за што со години има реакции и критики на македонската и меѓународната јавност и институции, вклучително и на претставниците од Европскиот Парламент. Усмртувањето освен што е нехумано, не дава никакви резултати во намалувањето на бројката бездомни животни“, велат од Анима мунди.
„Впрочем, за тоа говори и последното пребројување на бездомните кучиња во главниот град, каде јасно излезе на виделина дека еутаназијата која се спроведува од 2008 година само незначително го има намалено бројот на бездомни кучиња. Но, затоа пак луѓето ги изгубија своите маалски миленици на кои беа навикнати, на чие место, на слободните територии доаѓаат нови и нови единки.
Од овие причини бараме да се забрани еутаназија на кучињата како механизам за надминување на проблемот со прекубројноста на бездомните кучиња , како што првично предложи и Агенцијата за храна и ветеринарство, во рамки на Нацрт Законот за заштита и благосостојба.
За радикален и неприфатлив го сметаме и членот 32 со кој се предвидува усмртување на кучињата кои каснале човек или животно. Посочуваме дека животните агресијата ја стекнуваат кога се стимулирани од своите сопственици и/или како резултат на траума. За таквото однесување вината треба да се бара и најде во сопствениците, а не во животните!
Ние би искажале поддршка да се воведат најстроги казни за сите оние кои поттикнуваат агресија кон животните или практикуваат неодговорно сопствеништво, како и забрани таквите лица понатаму да чуваат кучиња. (Амандман 14 се однесува на оваа проблематика)“, истакнуваат од здружението.