[Outlook 2014] Последна прошетка низ јадранската бас џунгла

Четвртата вечер на Outlook 2014, воедно и солиден крај на фестивалот, беше обоена во црвено, жолто и зелено, со Ram Jam Take Over на Шведската Маса, Metalheadz Take Over на Чистинката и пријатно изненадување во Арената на мунгосите.

[Outlook 2014] Последна прошетка низ јадранската бас џунгла
На почетокот на вечерта, се искачивме на Чистинката која беше преземена од Metalheadz и нивната лекција по историја во бас. Кога пристигнавме, беше во тек настапот на професор Dillinja, потковано со досетките на MC Lowqui. „Предавањето“ на Dillinja беше исполнето со jump up и deep d’n’b, измешани со вокални падови кои го одржуваа високо нивото на ненадејност во текот на целиот сет.

Оттаму се упативме кон Шведската маса каде што оваа вечер беше создаден јамајкански Ram Jam. Големиот David Rodigan ја забавуваше публиката со индивидуализирани dub plates, направени лично за него. Во неговиот класичен радиски стил (со само 2 копчиња, next и play), Rodigan си играше низ скоро сите жанрови на музиката, пуштајќи од goa-trance-ragga миксови на поп песни до rock & roll хитови од старите добри времиња. По него следуваше реге легендата Barington Levy кој и покрај својата возраст звучеше и се забавуваше како тинејџер. Неговата енергичност се одрази и на самиот настап и на присутните, иако на моменти намерно правеше паузи да ги разбуди „заспаните“. Заедно со неговиот одличен бенд направија историска прошетка низ реге класиците кои ги има направено, а самите нумери звучеа подеднакво добро во живо како нивните студиски снимки.

[Outlook 2014] Последна прошетка низ јадранската бас џунгла

„Ништото“, пак, оваа вечер беше претворено во Мочуриште 81. Таму го начекавме Boddika кој што го имаше најинтересниот избор на techno EDM музика, исполнувајќи ја сцената со огромен број на посетители. MC Chunky беше најентузијастичната личност таму, константно скокајќи лево-десно додека Boddika ја анимираше публиката со minimal tribal (колку и да звучи како оксиморон).

На прошетката по другите сцени, ја посетивме и Арената на мунгосите, за каде што беше најавена Deep Medi сесија. Спротивно од најавата, Swindlе не изненади со одличен избор на dubstep измешан со карневалски звуци па се до trap. Неговиот сет беше надополнет од мајсторите на церемонија Crazy D, Flowdan и Sun of Selah, кои што совршено ја следеа неговата селекција како и реакциите од присутните.Swindle беше толку добар, што дури имаше и rockstar момент на скокање и „пловење“ по публиката.

Назад на Шведската маса, честа да го затворат фестивалот ја имаа Dub Phizix и Strategy. Изборот на музика варираше од deep d’n’b – juke – ragga dancehall – trap и слично. Може да се каже дека Dub Phizix претстави една 180 bpm верзија на Ram Jam концептот на Rodigan. Неговата селекција ја однесе публиката од јадранското приморје во длабочините на џунглата. Dub Phizix и Strategy ги оставија присутните желни за повеќе и во неверување дека тоа беше крајот на магичните четири дена исполнети со многу бас.

Ф.Б.