Претседателот Ѓорге Иванов денеска свечено ќе му ја додели титулата Национален уметник на Република Македонија за 2014 година на оперскиот пејач Борис Трајанов.
Комисијата составена од академиците Катица Ќулавкова и Газанфер Бајрам, Оливер Белопета и Раде Силјан, по разгледувањето на пристигнатите предлози одлучила дека Трајанов ги исполнува критериумите утврдени со Законот за национален уметник.
Македонскиот баритон ја добива титулата на иницијатива на Македонската опера и балет. Наградата е доживотен паричен надомест од 60 илјади денари месечно.
Трајанов на македонската јавност и е познат и како главен иницијатор на зелената акција „Ден на дрвото“.
Борис Трајанов е четвртиот носител на ова највисоко признание од областа на културата. Добитници досега се и пијанист Симон Трпчески, филмскиот режисер Милчо Манчевски и естрадниот уметник Есма Реџепова.