Градските власти во Загреб подготвуваат специјален интервентен тим кој треба да го спречи пишувањето и цртањето графити на ѕидовите во центарот на градот. Според градските татковци, голем број загрепчани, но и посетители и туристи го сметаат ова за еден од најголемите проблеми на градот, затоа што ја намалува вредноста на недвижностите и остава впечаток на неуредност и запуштеност на градот.
Акцискиот план предвидува низа мерки од кои дел ќе почнат да се применуваат веднаш штом завршат консултациите и анализите со повеќе институции и невладини организации.
Според Сандра Шваљек, заменичката на градоначалникот на Загреб Милан Бандиќ, Градот ќе дејствува со информативна кампања, но и со спроведување конкретни казнени мерки за цртачите на графити. Ќе бидат ангажирани поголем број комунални редари, но и екипа која ќе ги отстранува графитите. Властите ќе изработат специјална мапа на локациите на кои има најмногу графити, а на „проблематичните“ локации ќе бидат поставени надзорни камери.
Шваљек вели дека останува нерешено прашањето на „уметничките“ графити:
„Многубројните примери и искуства од градовите кои низа години се борат со графитирањето покажуваат дека е тешко, ако не и невозможно, да се повлече граница меѓу „добрите“ и „лошите“ графити, како и дека проблемот на графитирањето може да се ублажи само ако на сите графити им се приоѓа на ист начин“, вели Шваљек.
Од друга страна, претставниците на графити-сцената во Загреб засега се резервирани за ова прашање. Уличниот уметник Марко Прпиќ Зетс вели дека и порано имало вакви обиди, но тие биле неуспешни.
„За вакво нешто нема ниту услови ниту средства. Проблемот е во тоа што јавноста, а пред се полицијата, градските и државните службеници и институции не се информирани за тоа што се навистина графитите, муралите и другите уметнички и помалку уметнички интервенции на улиците. Наместо да собираат политички поени пред изборите со непромислени изјави, политичарите би требало да изработат еден документ или брошура, со чија помош и лаик би можел да разграничи што е уметност, а што вандализам, т.е. што е добро, а што лошо за градот. Оваа брошура би требало да ја изработат не подобните чиновници, туку луѓе од стрит арт сцената, луше од културата, историчари на уметност и кустоси“, вели Прпиќ.