Институтот „Данте Алигери“, Скопје и издавачката куќа „Магор“ ја најавуваат промоцијата на македонскиот превод на книгата „Креолизација на Европа“ од италијанскиот книжевен критичар и професор по компаративна книжевност Армандо Њиши, во присуство на авторот на книгата.
Настанот ќе се одржи на 15 септември (понеделник) во 19.30 часот во ЕУ Инфо Центарот во Скопје каде воведен збор ќе има Анастасија Ѓурчинова, додека разговорот со авторот ќе го води Елизабета Шелева. На настанот ќе биде обезбеден симултан превод од италијански на македонски и обратно,од страна на Катерина Миленова, преведувачка на книгата.
Книгата е составена од четири есеи во кои авторот ги анализира новите феномени во европската литература пишувана од доселеници. Њиши нуди ново согледување на компаративниот метод во проучувањето на литературата, го разгледува статусот на емигрантот во современото општество и го дефинира терминот креолизација од деколонијалистичка гледна точка.
Армандо Њиши (1946 г.) е италијански книжевен критичар и професор на Универзитетот „Ла Сапиенца“ во Рим. Тој се смета за еден од најистакнатите проучувачи на компаративната литература во Италија, но и во Европа. Преводи од неговите дела се објавени во Кина, Индија, САД, како и во повеќе држави во Африка и Латинска Америка.