Избрано е најдобро идејно решение за уредување на плажата на Охридското eзеро, во близина на охридскиот аеродром преку електронското гласање каде граѓаните во изминатите петнаесетина дена можеа да бираат меѓу 5 понудени проекти. Како што информираа од Министерството за транспорт и врски , најмногу гласови добил третиот проект, односно 56 проценти од вкупно 3.072 гласа.
По него најмногу граѓани гласале за првото идејно решение или 21 процент од вкупниот број на гласови, второто решение со 14 проценти, четвртото со 7 проценти и петтото со три проценти од гласовите. Во следниот период, ресорното Министерство ќе донесе решение за доделување на награда, како и за исплата на трошоци за останатите идејни решенија.
Предвидено е плажата да се изгради според највисоките туристички стандарди, без да се наруши еко-интегритетот на околината.
На плажата предвидено е да има песочна површина, да се заштити постојното зеленило и да се дооформи со автохтони видови, како и да се уреди со клупи, фонтани за питка вода и пешачки патеки од монтажно – демонтажни материјали. Треба да има и шанк со кабина за музика, санитарен јазол, тушеви, соблекувални, остава за чадори, лежалки и други реквизити, а треба да биде обележан и просторот за капење во езерото. На плажата треба да се предвидат и места за информативни паноа, безжичен интернет и други погодности за забава.