Ослободете се од стариот стереотип – жените се сега мнозинство помеѓу корисниците на игри. Но како ликови и креатори, тие се претежно отсутни, пишува Гардијан.
Студијата објавена во средата од страна на Интернационалното биро за рекламирање открива дека 52% од корисниците на игри се жени. Токму така – мнозинството на луѓе кои играат игри го сочинуваат жени.
Дали ова ве изненадува? Не би требало. Пред три години оваа цифра изнесуваше 49%, што е едвај помало мнозинство. Жените секогаш играле игри, и во изминатите години порастот на игри за мобилни телефони бил особено овозможен од женските потрошувачи.
Сепак стереотипот дека игрите се главен начин на трошење на слободното време за адолесцентни момчиња се уште постои, и е задржан од агресивниот маркетинг на многу високобуџетни игри.
На што мислиме кога зборуваме за видео игра? Најчесто на мултимилионска игра на конзола со тешко вооружување и насилство. Но, реалноста е дека денес најпопуларен уред за играње се смартфоните, а најчестите жанрови се сложувалките, зборовните игри и квизовите. Помалку Call of Duty, а повеќе Words with Friends.
Сигурно има многумина кои на ова ќе одговорат дека „тоа не се вистински игри“. Игрите за мобилни, на социјалните мрежи и бесплатните игри ги привлекуваат жените, но се сметаат за пониски од „традиционалниот“ гејмерски свет.
Додека „хард кор“ гејмерите и индустријата водат жестоки дебати за тоа дали овие игри се воопшто игри, секој останат ги игра.
Што наметнува пошироко прашање: дали повеќе жени играат игри на мобилен, бидејќи се позаинтересирани? Или затоа што повеќе пати им било кажано дека „вистинските“ игри не се за нив?
Видео игрите со женски протагонисти се уште се малцинство, и можноста да се игра како жена се уште се смета за дополнителна од компаниите кои ги објавуваат. (А воопшто и не треба да ја започнеме темата за тоа како индустријата на игри ги деградира луѓето од обоените раси , LGBTQ луѓето и другите малцинства). И покрај фактот дека жените го сочинуваат поголемиот дел на гејмерите, бројот на жени кои работат во оваа индустрија е шокантно низок – само 12% од дизајнерите на игри во Британија, и 3% од програмерите во целиот свет се жени. А тоа не е така затоа што жените не сакаат да работат со игри.
Иако играњето видео игри сега е неоспорно дел од културолошкиот „мејнстрим“, голем дел од индустријата на игри не се однесува така. Не само што игрите не успеваат да покажат дека 52% од гејмерите се идентификуваат како жени, фактот дека постојат жени во игрите – како ликови, дизајнери и играчи, се уште е едвај видлив.
Но ние постоиме, и правиме игри и ги играме и зборуваме за нив – и пошироката индустрија на игри „фаќа прибелешки“. Од строго бизнис-ориентирана гледна точка, има логика индустријата на игри да се потруди да биде порепрезентативна за својата публика.
Јас мислам, и се надевам, дека за индустријата на игри и гејмерите, најдоброто штотуку треба да дојде. Но фактот е овој: игрите се за секого.
Автор: Meg Jayanth
Извор: Гардијан