Воведувањето студентски кредити, освен на студентите и на нивните семејства, позитивно ќе се одрази и на растот на економијата, затоа што бруто ќе се зголеми целата приватна потрошувачка, таа на домаќинствата и студентите поради зголеменото количество расположлив доход, со што БДП ќе забележи значителен пораст, пишува студентката Марија Павлеска во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.
Ако го разгледаме блиското минато на македонската економија, несомнено ќе заглавиме броејќи ги земените кредити како од ММФ, Светска банка, ЕЦБ и ред други кредитори. Земањето на овој тип на кредити најчесто е проследен со овации како од првите луѓе на државата, така и од водечките медиуми во земјата, кои нè убедуваат дека токму на тој начин економијата на една земја станува побогата, просперитетна и релевантна, како за добрата благосостојба на земјата, така и завидно успешна на меѓународен план.
Кредитите како тема се една неисцрпна и секогаш актуелна материја за препирки, како на политичката и медиумската сцена, така и пред маалските кооперации и на семејните собири. Иако и досегашните типови на кредити се чини не ги одбранивме и искритикувавме доволно, токму главната поента на овој текст ќе биде усмерувањето кон оформување на една нова кредитна линија, нова барем за нашите краишта, затоа што истата е широко применета во глобални рамки и придобивките од истата се фасцинантни.
Нема многу да должам, идејата на овој текст е да поттикне една дебата за овозможување на феноменот Студентски кредит за македонските студенти. Ние постојано докажуваме дека сме кредитна friendly нација, па ајде да ги разгледаме придобивките од овој тип на кредити.
1.Финансиска самостојност во текот на студиите
Студентскиот трошок, иако во најголем дел се заснова на сумите кои се плаќаат за партиципација, потребните учебници, материјали и други помагала, трошоците за сместување, исхрана и патување ако се студира надвор од местото на живеење, тој во голем дел подразбира и средства кои студентот ги троши на дружба со колегите, забави, патувања, посети на семинари, конференции и ред други активности. Облеката е секако дополнителен трошок, кој во никој случај не треба да биде занемарен. Кога студентот финансиски е зависен од своето семејство, посебно во општество во кое средната класа е скоро ендемичен вид, проблем претставува и покривањето на нај основните трошоци, оние за покривање на ратата за семестар, дури и користењето фотокопирани учебници и сместување по трошни студентски домови со супстандардни услови за живот. Тогаш самиот студент е приморан да се изолира од друштвениот живот чија цена не може да си ја дозволи, и останува во онаа средина која претставува зона на комфорт, т.е. е составена од студенти со чија состојба може да се идентификува. Иако во зоните на комфорт значително се развива чувството за емпатија, другарувањето е дури поискрено и сосема развива друга димензија, од она кое е надвор од зоната на комофрт и чија поента е чисто остварување контакти и взаемен интерес. Но, ако сакаме како земја да котираме успешно на бизнис план, токму таквите надвор од зона на комфорт излегувања, се можноста за запознавање со најразлични профили на луѓе, потенцијални колеги, соработници, бизнис партнери.
2. Тежок е животот студентски… за родителите
Целиот доходот на родителите да биде наменет за нивната лична потрошувачка. Ако родителите немаат потреба да го финансираат студирањето на своите деца, ако нивните студенти успеат да им биде одобрен кредит за студирање, тогаш на родителите им останува поголем дел од доходот за своја лична потрошувачка. Најчест е случајот кај нас, самите родители да подигнат кредит за студиите на своите деца, па така дел од платата оди на исплаќање на ратата, а со оглед на тоа колку изнесува просечната плата, вистината е дека она што му преостанува на просечно семејство за живеење после плаќањето на сите сметки е една мала сума, која едвај ги покрива основните потреби како храна, средства за хигиена и облека, па така семејствата немаат можност, поради преголемиот број на трошоци да си дозволат одмор, мала инвестиција во домот или почести излегувања на вечера, во кино и слично, а секако дека постои можност и самите да отворат некој свој сопствен мал бизнис кој дополнително позитивно би влијаел на доходот на семејството. Иако овие бројки се занемаруваат, доходот на едно семејство кое има финансиски самостоен студент, ќе ја поттикне економијата преку зголемената потрошувачка. Во овој случај тоа ќе биде манифестирано двојно, и семејствата на студентот и самиот студент ќе можат да си дозволат многу повеќе, ако имаат одделен буџет со кој ќе можат самостојно да располагаат.
3. Големата економија – или Комерцијалните банки Vs Централната банка Vs Државата
Конзервативниот пристап: Додека светот полуде по инвестиционото банкарство и уште една дузина интеракции на банките меѓу себе, како и интеракција со владите, и секако со граѓаните, во Македонија банките преферираат да ја задржат својата конзервативност. Нудејќи главно кредити, исплаќајќи камата на штедните влогови, од неодамна и со лизинг услуги, но ништо повеќе што видно би ја зголемило можноста за поголема активност и секако зголемениот ризик. Бројот на студенти во Македонија за 2012/13 година изнесува 57.746 студенти, според податоците на Државниот завод за статистика. Ако банките во Македонија им одобрат кредити на 30 отсто или на околу 17 илјади од вкупниот број на студенти, кои би ги исполниле критериумите, и ако просечно исплатениот кредит изнесува 5 илјади евра, тогаш Македонската економија под влијание на кредитниот мултипликатор за период од 5 години ќе биде побогата за минимум 140 милиони евра.
Во меѓувреме бидејќи банките ќе имаат значителен одлив на средства, во случај на загрозена солвентност, ќе се обратат кај Народната банка или на меѓубанкарскиот пазар, па повторно преземените активности, преку каматните стапки ќе имаат свое влијание на економијата. Ако Централната банка има можност да влијае преку кредитирање на комерцијалните банки во крајна инстанца, нејзината улога дефинитивно би станала поголема и позначајна во целокупната економија на земјата.
Бенефитот од овие кредитни активности секако дека ќе се одрази позитивно на буџетот на самата земја, затоа што бруто ќе се зголеми целата приватна потрошувачка, таа на домаќинствата и студентите поради зголеменото количество расположлив доход, со што БДП ќе забележи значителен пораст.
Финансиската самостојност на студентот, зголемениот расположлив доход на семејствата и поттикнатата банкарска активност, се доволно добри причини да се разгледа овој тип на кредитирање поради поволностите кои ги создава и благодетите кои ги овозможува. Пред да завршам ќе потенцирам на екстра ефектите кои ќе ги предизвика и зошто тие ќе имаа круцијално значење кое е поголемо и поважно од чисто економскиот аспект на оваа идеја.
Зголемувањето на квалитетот на образованието
Нема да се обидувам да коментирам за моменталната состојба на образованието кај нас, единствено би посочила дека студентот кој е спремен да земе кредит за да може да студира без да биде товар на своето семејство, при дипломирањето ќе се стреми да излезе како комплетен професионалец кој би барал работа што побрзо, затоа што секој изминат ден ќе го потсетува на грејс периодот кој полека ќе отчукува додека да дојде периодот за плаќање на првата рата. Таквиот студент имал мотив и сакам да верувам дека вистински работел и вложувал во себе и своите способности, вештини и има доволно знаење да влезе во работен однос. Таквиот студент верувам и дека успешно би ја искористил и секоја пракса во текот на студиите и имал доволно време да се усовршува учествувајќи во сите тренинзи, семинари и конференции затоа што можел да си ги дозволи наместо во тој период да работел на шанк или преку некоја work&travel програма. Не го негирам и тоа работно искуство, но упатувам на тоа дека е оттргнување на фокусот и ставање на потенцијалот на stand by.
Ако факултетите повторно имаат вистински фокусирани студенти, посветени тоа што го студираат, веднаш по студиите и да го работат, квалитетот на самото образование ќе ескалира. Ќе се пишуваат научни трудови, ќе се покренуваат дебати, ќе се вреднува вложениот труд и ништо веќе нема да биде монотоно, банално и безнадежно во тоа да бидеш студент во Македонија.
Ако можеме да ги санираме и економијата и образованието, со една ваква кредитна линија, зошто да не покренеме уште веднаш дебата и реално да ги согледаме сите можности, јаки страни и потенцијал кои оваа идеа може да ги оствари. Секако реално е да се согледаат ризиците и слабите страни кои спрема примерите на другите земји уверувам дека се во многу помал број, но за тоа треба да се дискутира. Па да започнеме…
Извор: Радио Слободна Европа