Вработените во министерството за образование не смеат и нема да дозволам како министер да вршат притисок врз вработени во образованието, односно врз членството на СОНК, затоа што ќе повторам, правото на штрајк е гарантирано со Устав, вели министерот за образование Абдулаќим Адеми во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Барањата на СОНК се легитимни, смета министерот, но вели дека може да се разгледуваат само преку дијалог со државните институции.Финансирањето на резервните наставници пак 0кои ќе треба да ги заменат редовните во периодот додека штрајкуваат, ќе бидат плаќани од буџетот.
„Околу плаќањата, значи во колективниот договор е децидно наведено дека кога како организатор на штрајк се јавува СОНК и кога во нивните барања има унапредувања или нови барања за вработените во образованието, науката и културата, тогаш сите трошоци, односно основната плата ги сноси организаторот, во овој случај СОНК и доколку дојде до замена на наставниците нема да има фискални импликации затоа што тоа ќе се плати од буџетот на Република Македонија, а се разбира дека оние што штрајкуваат ќе земат плата од СОНК.
Во интервјуто тој зборува и за потребата од казни за наставниците како резултат на екстерното тестирање.
„ Целиот процес би немал смисла ако нема стимулација за оние што вршат добро оценување и казни за оние кои имаат поголеми отстапувања. Секогаш велам, идејата не е да казнуваме, идејата не е да отстраниме наставник од образовниот процес и бидејќи ова е прво искуство за Министерството може и јавно да признаам дека целиот процес не е совршен и ние веќе работиме на суштински измени во екстерното оценување, меѓутоа казните и наградите мислам дека нема да бидат тргнати од целиот процес, затоа што реков, процесот нема да има смисла. Сега засега оние кои се казнуваат се казнуваат со 15 отсто од нивната плата, а така ќе се наградуваат и оние кои имаат помали отстапувања“, вели Адеми.
Според министерот, екстерното не било големо оптоварување за учениците.
„Мислам дека тука и наставниците и јавноста малку и намерно тоа го презентираат како товар за учениците. Идејата никогаш не била да има дополнителни часови или дополнителна работа за учениците, туку да се проверат наставниците колку реално ги оценуваат учениците“, додава Адеми.
Извор: Радио Слободна Европа