Larry McCray Band од САД ќе настапат на Скопскиот Блуз и соул фестивал кој ќе се одржи на 28-ми септември [недела] во Универзалната сала во 21:00 часот.
Larry McCray во моментов е едно од најголемите имиња на светската блуз сцена и редовен учесник на најреномираните светски фестивали во САД и Европа. Неговиот динамичен сценски настап и виртуозност, комбинирано со извонредниот вокал е вистинската состојка, барана на секој фестивал во светот.
Роден во семејство на музичари. Со својот талент тој едноставно бил предодреден за музичка кариера која го донесе до самиот врв. Според него, во создавањето сопствен музички израз, најголемо влијание имале тројцата кралеви: B.B., Albert и Freddie, потоа Albert Collins, Elmore James и Magic Sam кои секој на свој начин оставија голема трага во блузот.
Дискографскиот опус на Larry McCray содржи осум албуми, како и бројни снимки на кои тој се појавува како гостин на познати имиња. Како еден од своите врвови во кариерата тој го смета признанието на Orville Gibson Guitars за најдобар блуз гитарист во 2000 година, кога беа номинирани гитаристи од калибарот на Jeff Beck, Eric Clapton…
Често настапува во клубот “Legends” во Чикаго, чиј сопственик е неговиот добар пријател Buddy Guy, каде заедно настапуваат на задоволство на љубителите на блузот.
Деновиве се очекува да излезе неговиот најнов албум на кој како специјален гостин се појавува Derek Trucks (Allman Brothers), секако еден од најдобрите гитаристи на денешницата.