Власта се обидува да го сузбие интересот за реализирање на генералниот штрајк на наставниот кадар во понеделник, вели претседателот на СОНК, Јаким Неделков за Радио Слободна Европа.
Според него, изјавите од граѓани кои се претставуваат како дел од некакви ограноци од СОНК, а кои всушност не се ниту нивни членови, само покажува дека власта ги користи сите средства на отпор за да го спречи одржувањето на најавениот штрајк.
„Почнувајќи од првата таква јавна изјава и настап на телевизија на регионалниот одбор на Охрид кадешто група на граѓани излегоа да читаат некаков текст, а подоцна се испостави дека таа што го читаше текстот не е ни член на Синдикатот“ вели Неделков.
Тој повторува дека одлуката за генерален штрајк е донесена врз основа на изјаснување на синдикалните организации, односно 87 проценти од членовите. Вели дека во синдикатот имаат сознанија дека нивните членови имаат притисоци за да не учествуваат во штрајкот, иако се незадоволни од состојбите во образованието.
Министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми денеска по завршувањето на свеченоста за отворање на Осмиот меѓународен семинар по албанологија на Државниот универзитет во Тетово, ги оцени како спротивни на законите и Уставот на државата повиците на претседателот на СОНК до учениците да ја бојкотираат наставата во понеделник.
– Јас сум запрепастен од повикот на претседателот на СОНК кој ги повика учениците во понеделник да не одат на училиште. Запрепастен сум бидејќи тоа е грубо кршење на Уставот и законите. Не е надлежност на СОНК ниту пак на некоја друга институција да ги повикува учениците да не одат на училиште. СОНК може да се занимава само со нивното членство. Токму затоа сметам дека тоа е грубо кршење на Уставот и законите и го повикувам претседателот на СОНК да ги извршува своите надлежности и да не се меша во образовниот процес. Исто така ги повикувам родителите и учениците да продолжат да одат на училиште зашто основачите министерството и општините ќе овозможат услови за непречено одвивање на образованиот процес, рече Адеми.
Тој ги отфрли како неточни тврдењата дека од страна на министерството се вршеле притисоци врз вработените во образовните инститиции да не учествуваат во штрајкот.