Драги мои, ја имам среќата да бидам дете на просветен работник. Низ годините, како семејство, ги имаме почуствувано сите „реформи“ и „подобрувања“ на македонското образование. Реформи и подобрувања коишто секогаш се уриваат на грбот на просветарите, а никако да понудат образование за учениците од светски стандарди.
Па така, кога денес ги слушам очајните закани и заплашувања на „министерот“ Адеми, не можам, а да не се сетам на не толку далечната 2004-та. И тогаш професорите, наставниците и учителите излегоа на улица, и тогаш се изгубија дури 15 работни дена. Како дете на просветно лице и вистински демократ, јас бев во редовите на протестот. Ќе речете зошто? Зошто едно дете би било вклучено во протест? Од истите причини од кои ќе го подржам и годинава.
Одговорност на секој ЗДРАВОРАЗУМЕН и СОВЕСЕН граѓанин е да излезе и да го подржи штрајкот на просветарите! Иако протестот би требало да биде загарантирано уставно право на секој од нас, на нашите професори им се закануваат дека ќе им најдат замени, дека ќе ги изгубат работните места и дека ќе останат и без таа едвај просечна плата со која преживуваат. На нив се вршат невидени притисоци да отидат на настава, и уште поважно, да НЕ ИЗЛЕЗАТ на улица! Нашиот диктаторски-настроен министер за образование знае дека СОНК е најбројниот синдикат којшто (во демократски услови) би можел да мобилизира илјадници членови. Нашиот диктаторски-настроен министер за образование се плаши од народот којшто би можел да прошета по улиците, да побара подостоинствени услови, па дури и нешто малу демократија.
Затоа, драги мои, јас и оваа година ќе го подржам штрајкот на просветарите. Истото можете да го направите и вие. Професорите, заплашени од министерството, нема да се осмелат да излезат пред училиштата, туку ќе останат во канцелариите. Отидете пред вашето средно или основно училиште на почетокот на првата смена и покажете им на вашите учителки, професори, наставници дека не се сами. Дека, иако тие не смеат да се побунат јавно, тука се нивните ученици, добри, лоши, совесни, одлични, двојкаши, трачари, пушачи, коишто никогаш не ги заборавила и стојат рамо до рамо со нив. Покажете дека не може туку-така да не заплашат сите нас, оти сите ние сме многу повеќе од сите нив.
Драги мои, овој штрајк не е и никогаш нема да биде за законот, за ќефот на „министерот“ или Владата. Овој штрајк е за вашата прва учителка која ве научила да читате, за вашиот класен раководител кој подзамижувал пред изостаноците, за професорката по хемија, македонски, математика, француски… Овој штрајк е за сите оние коишто, сте ги сакале вие или не, ве научиле најдобро што знаат и умеат да преживеете во овој суров свет. Овој штрајк е и за оние коишто треба да ги образуваат или веќе ги образуваат вашите деца.
#ПоддршкаЗаСОНК
П.С. Како предлог транспарентни, предлагам:
„Нудам бесплатни часови по здрав разум за цела Влада!“
„Адеми, многу те зезаа во школо?“
„Незадоволен професор = неук ученик“
„Лошо образование = лоша иднина“
„Мојата учителка не е твоја играчка!“
„Ова не би се случило во Хогвортс!“
…. Уште предлози?
Автор: Ивана Јордановска
Извор: ivanatukatamu.blogspot.com, okno.mk